Граѓаните бараат клупи и на тротоарот во банкарската улица во Велес
Само две клупи има поставено од страна на општината на главната улица „8 септември“, во банкарскиот дел, поточно кај комплекс Чешел, се жалат станарите. Клупи се наоѓаат покрај стоковната куќа „На ма“ од северната страна на објектот. Надолу се до третата зграда на комплекс Чешел нема каде да се седи и почине, смета станарка од средната зграда. Нејзиното мислење го дели и соседка од кулата над „На ма“. Овие жени не се единствени на кои им недостасуваат клупи за седење. Денеска потребата од овој вид урбана опрема ја потврдија и граѓаните кои влегуваа и излегуваа од банките и продавниците.
„Ме видовте како документите кои ги добив во банката седнав да ги средам на ѕидчето околу фонтаната претворена во жардињера. Треба место на кое ќе може да се седне а такво нема во овој дел на центарот,“ рече велешанец.
„Со синот го чекам сопругот да излезе од банка. Нема каде па седнавме на бетонов. Овде секој месец има неверојатно голем метеж кога пензионерите ја подигнуваат пензијата. Тоа се возрасни луѓе кои не можат да чекаат ред и да стојат,“ рече велешанка.
„Со сладолед во рака сакам да се одморам и разладам малку откако испазарив во маркетот. И нема каде, затоа седам на плочников,“ рече велешанка.
Општината решението на овој проблем на граѓаните единствено го гледа во поставување на клупи помеѓу стоковната куќа и првата зграда од комплекс „Чешел“. На било кој друг дел од тротоарот таму урбаната опрема би пречела на работата на маркетите и банките, рече градоначалникот Чадиев.
„Го разгледувавме просторот и единствено можно е поставување на клупи на плочките помеѓу стоковната куќа и банката. Ќе продолжиме со поставувањето на железните столбчиња од пе формата и така ќе обезбедиме да не се качуваат возила на тротоарот врз плочките кои делумно а некаде и во целост се оштетени,“ рече Чадиев.
За разлика од ставот на градоначалникот жителите во кулата и трите згради од комплексот Чешел велат дека доволно ќе биде ако општината покаже добра воља и намести дрвени летвички на бетонските ѕидчиња околу фонтаните, во кои наместо вода има цвеќе, како и на страничните вдлабнатини во ѕидовите на банките и продавниците кои сепак се од страната на главниот тротоар. Станува збор за дрвени летвички, на кои ќе може да се седи, како околу фонтаната на плоштад Сармаале и на уште неколку други места во градот. Тие би можеле да бидат замена за клупи./У.Ј
