На местото на стариот велешки театар сепак ќе се гради станбена зграда

Објавено на 19 јуни, 2015 во 11:06

Наместо објект наменет за невладините организации кои работат со лица со посебни потреби, старата театарска зграда во Велес ќе се урива и на нејзино место ќе се гради четирикатна стамбена зграда. Одлука донесоа локалните вкласти откако стручните лица процениле дека е невозможно руинираниот објект да се реконструира за потребите на невладините. Ваква каква што е зградата само би претставувала опасност за сите оние што би ја користеле, бидејќи била значително оштетена. Затоа градоначалникот Славчо Чадиев кој претходно, кога велешки театар се иссели од овој стар објект најави дека зградата ќе се реконструира за оваа категорија на граѓански здруженија, сега ја сменил одлуката. Тој вели дека општината ќе ја продава парцелата на која се наоѓа старата театарска зграда, но ќе ги услови идните сопственици дел од просторот во приземјето да им го отстапат токму на оваа категорија граѓански здруженија.

„Стручните лица, проценителите и градежните инжењери си го кажаа своето, невозможна е реконструкција на старата театарска зграда. Ѕидовите се напукнати по 4 до 5 прста и не може да се реновира, бидејќи тоа би не чинело повеќе стотици илјади евра. Јас таму не би внел никого а посебно не лица со посебни потреби. Нас полесно ќе ни беше овие 15 илјади евра што ги вложуваме во реконстркција на делот од објектот на Агенцијата за вработување, за потребите на лица со оштетен вид да инвестираме во старата театарска зграда. Сега за реконструкцијата на тој објект би ни требале далку повеќе пари и нема да го постигнеме тоа што ни треба,“ рече градоначалникот Славчо Чадиев.

Локацијата на која се наоѓа старата театарска зграда со некогашната летна тераса има површина од околу илјада метри квадратни. Општината ќе го даде на продажба откако ќе се заврши целокупниот Детален урбанистички план за тој дел на градот, вклучувајќи ги автобуската станица и Градскиот пазар.

Но оваа парцела се наоѓа недалеку од брегот на реката Вардар, која често надоаѓа, па преку канализацијата засега ги полавуваа подрумите на стамбените згради па и куќите што се наоѓаат до старата театарска зграда./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.