По реконструкцијата на улиците под судот нема веќе паркирање на возила
Се реконструираат дел од улиците во централното градско подрачје. На улицата „Гоце Делчев“, под велешкиот основен суд целосно се вади стариот асфалт и се поставува нов. Со реконструкција и санирање на оштетените делови ќе се опфати и улицата Страшо Пинџур, почнувајќи од плоштад Сармаале до рампата односно влезот на населбата Дворови, како и делот од улицата кај кружниот тек. Моментално сообраќајот е пренасочен на главната улица 8-ми Септември, но уште денеска ќе биде вратен стариот режим на сообраќај потенцираше градоначалникот Славчо Чадиев кој денеска беше на увид на градежните зафати. Според него за четири дена улиците ќе бидат комплетно реконструирани. Најфрекфентните улици во градот повеќе нема да бидат оптеретени со паркирани возила на коловозните ленти и тротоарите, вели Чадиев.
„На овие улици ќе забраниме паркирање на тротоари бидејќи на ивичњаците ќе поставуваме во П форма од железните прегради , така да нема да има повеќе паркирање на тротоарите во овој дел на градот. Ние за два дена го пуштаме во употреба паркинг просторот до Мало Мовче со капацитет од 163 возила . За две години правиме два паркинг простора , тоа значи 263 места имаме на располагање 24 часа во Велес и тоа бесплатно и мислам дека нема повеќе да има гужва во центарот на градот“, рече Чадиев.
Реконструкцијата на овие улици заедно со обиколницата околу Башино Село и пристапниот пат до фабриката Маркард ја чинеше општината 3.800 000 денари. Но од таму велат дека градежните зафати продолжуваат и во иднина, за еден месец започнува изградбата на кружниот тек кајк Авона што општината би ја чинела дополнителни 4.200 000 денари./Д.С
