ЦЈЗ: Водата на велешко „Младост“ не смее да се користи за капење и рекреација, стручна институција да докаже дека нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини
Објавено: 3 јули, 2025, во 10:57 часот
Центар за јавно здравје Велес на барање на Општина Велес на 13 јуни земал примероци на површинска вода од три места на Езеро „Младост“, поточно од локациите „Плажа 1“ , „Брод Панини“ и „Мотел на Велешко“. По петдневните испитувања во соопштените резултатите на јавната здравствена институција пишува дека „по однос на микробиолошките индикатори водата во велешко езеро оценета е за добра додека по однос на физичко-хемиските параметри одговара на 5-та класа по сатурација, 3-та по присутна матност, 3-та и 2-ра класа по присуство на амонијак, а по однос на останати испитани параметри е во 2-ра и 1-ва класа“.
Од извршениот санитарно-хигиенски увид на Езеро Младост, Центар за јавно здравје Велес, констатира постоење на „видлива пролиферација на алги и појава на пена и голема количина на биомаса-густи, пифтиести, сунѓерасти наслаги со жолто-кафеава боја кои покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата“.
Центар за јавно здравје Велес излезе со препорака која гласи „водата НЕ СМЕЕ да се користи за капење и рекреација додека не се изврши испитување од стручна институција која ќе докаже дека во водата нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини“.
Убавка Јаневска




