Општина Велес ќе го обновува и зголемува возниот парк
Општината ќе купува два нови автомобили и едно ново теренско возило. На електронскиот систем за јавни набавки веќе е објавен оглас за јавна набавка. Во него стои дека трите возила општината ќе ја чинат вкупно 68 илјади и 210 евра. Оваа сума на пари е без ДДВ.
На новинарско прашање дали во услови на економска криза неопходно е општината да купува нови возила, градоначалникот Славчо Чадиев одговори дека не се купуваат луксузни возила туку нормални за потребите на општината.
„Оваа постапка е заедничка со ЈКП Дервен, не е само на општината . Општината набавува едно возило , останатите возила се за потребите на комуналното претпријатие и тоа се најефтини возила што постојат и би не чинеле 7-8 илјади евра“, рече Чадиев.
Тој додаде дека новите возила се набавуваат преку заеднички тендер на општината и јавното комунално претпријатие поради избегнување на дополнителни трошоци.
Инаку според Чадиев, возниот парк на општината бил стар повеќе од 14 години и секое возило во просек поминало повеќе од 300 илјади километри. Честите поправки на дефектите на старите општината ја чинеле повеќе отколку набавката на нови возила. /Д.С
