И повреден штрк си обезбеди внимание и грижа од велешанецот Виктор Мазнев
Објавено: 23 јули, 2015, во 12:16 часот
Штркот кој се уште нема име, веќе пет дена е главната преокупација на Виктор. Младото момче познато во градот по племенитоста кон луѓето и бездомните домашни миленици го земал од гнездото во околината на поранешниот хотел „Вила Зора“ откако претходно добил пријава од граѓанин дека штркот е повреден и му треба помош. Со обилно крварење во пределот на градите, Виктор го однел штркот дома и му ја санирал раната.
„Кога го видов имаше обилно крварење. Мислев дека раната е прострелна и дека можеби има некое страно тело во него. Го однесовме во Скопје на ренген, бидејќи тука во Велес нема, и снимката покажа дека нема страно тело, туку само надворешна рана од повреда, која можеби настанала од некоја граблива птица што сакала да го улови. Сега раната заздравува и тој прима редовна терапија“, рече Мазнев.

Изгубен и преплашен, првите два дена, штркот одбивал храна, вели Виктор. Потоа полека почнал да се навикнува и припитомува. На менито на птицата воглавно се наоѓаат риби, особено гирици, кои со апетит ги јаде. Штом ќе заздрави Виктор повторно ќе го врати во гнездото, за да биде меѓу оние со кои припаѓа.
„Верувајте никогаш порано не сум замислувал дека ќе имам дома штрк и дека ќе се грижам за него. Тоа е несекојдневна птица и интересно е да се комуницира со него. Вистинска атракција е моментално кај мене дома затоа што деца доаѓаат да ја видат и да ја готографираат“, рече Мазнев.

Сепак Виктор апелира до граѓаните кои секојдневно му се јавуваат дека можат и тие да го сторат истото за птиците и животните кои ќе ги најдат на улица. Доволно е вели тој, да ги згрижат на неколку дена, а за храна ќе се погрижи Здружението „Гласот на животните“.
„Секој ден добивам многу повици за напуштени животни. Луѓето не можат да сфатат дека тоа што го правам јас може да го направи секој. Значи не е доволно само да се јавиш и да мислиш дека си помогнал. Ако јас денеска добијам дваесет повици не можам да стигнам секаде да отидам и дел од тие животни можат да настрадаат. Ако животното не е повредено и ако не му е потребна посебна нега, можат само да го згрижат на неколку дена. Дури не мора да го однесат дома туку на некоја локација каде што нема возила. Потоа да го фотографираат и да ни ги испратат на фејсбук страната на нашето граѓанско здружение а ние потоа ќе ја превземаме обврската околу пронаоѓање на дом“, рече Мазнев.

Безусловната љубов кон животните и неверојатната приврзаност со нив, го прават Виктор храбро и хумано момче, кое не само на животните, безрезервно им помага и на луѓето во неволја. Тие што добро го познаваат го посочуваат за позитивен пример на граѓански активизам во Велес./Д.С


