Екологистите бараат општина Велес под итно да донесе мерки против загадувањето на воздухот
Општина Велес под итно да донесе мерки за намалување на загадувањето на воздухот поради тоа што е најзагаден во попладневните и вечерните часови и да се намали штетното влијание на токсичните агенси врз здравјето на граѓаните. Ова барање на општината денеска и го испратија екологистите од „Вила зора“. Барањето го аргументираат со податоци дека годинава градот или општина се најчесто рангирани на второто или трето место по загадување во државата поради присуство на концентрациите на штетните ПМ 10 честички до девет пати над дозволеното. Екологистите потсетуваат дека вакво загадување не му се случило на Велес во изминатите години.
– Врз основа на законските одредби, општина Велес треба да препорача мерки за намалување на загадувањето после 10 дена континуирано загадување на воздухот, но за жал и после 15 дена не сме виделе никаква реакција од надлежниоте институции, пишува во барањето на екологистите упатено до локалната власт.
Граѓанската организација,поборник за здрава и чиста животна средина, апелира надлежните институции да превземат брзи и ефикасни мерки и се повикува на извештаите на Светската здравствена организација во кои токму загадениот воздух е предизвикувач на зголемениот број на мозочни удари и срцеви инфаркти покрај белодробните заболувања./У.Ј