Второ августовско искачување на велешани на ридот „Свети Илија“ (ФОТО)
Објавено: 3 август, 2017, во 15:57 часот
Промовирајќи сограѓанство, пријателство, колегијалност и дружење седумдесет велешани годинава беа учесници во ноќното искачување на ридот „Свети Илија“. Искачувањето го поврзаа со одбележувањето на 2 август и празникот Илинден. Планинарењето не беше воопшто лесно но желбата да се искачи ридот во група ги поттика овие граѓани да ја продолжат традицијата што лани ја иницираше Планинарското друштво „Чеплес“. Годинава ги поддржавме организаторите и особено не радува што просечната старост на групата беше 27 години , рече Игор Смилев претседател на ЕГ „Грин Пауер“.

-Тоа особено радува бидејќи години наназад се обидувавме да ја мотивираме највунарабилната категорија граѓани поточно младите. Да ги натераме да излезат од дома, да ги остават за момент кафетериите каде пијат кафе и разговараат, затоа што најдобрата инвестиција е во природата, на рид или на планина. За почеток околните ридови околу Велес се одлична прилика за младите да направат радикален пресврт во својот живот, да запознаат убави луѓе и да создадат пријателства што ќе им траат цел живот,рече Смилев.

Ноќните искачувачи на ридот Свети Илија се собраа во центарот на Велес а потоа преку Стар Мост заминаа кон црквата Свети Спас. Нивната искаќувачка патека воопшто не беше лесна бидејќи овој рид од страната на Велес е многу стрмен и тежок за искачување.
– Нема едноставно искачување во вечерни услови. Тоа е златно правило во планинарењето и секој што планинарел добро го знае. Но, овој пат се движевме по широкиот шумски пат. Се искачивме за два часа и сите имавме взаемно задоволство или катарза од ова наше искачување кога стигнавме во манастирот „Свети Илија“ горе на ридот, рече Смилев.

Тропските горештини годинава одвратија поголем број на повозрасни граѓани кои лани ја сочинуваа планинарската поворка. Организаторите се надеваат дека вгодина временските услови ќе бидат по благопријатни и ќе овозможат во ноќното второавгустовско искачување на ридот Свети Илија да се приклучат што поголем број на велешани./У.Ј


