Изгасени пожарите во велешко и во општина Чашка

Објавено: 7 август, 2017, во 09:30 часот

Пожарите во кои што викендов гореа шуми, пасишта и стрништа во атарот на велешкото село Дреново, на планината Горна Јакупица и над село Богомила се изгаснати. Нив вработените од Дирекцијата за заштита и спасување и од Шумско стопанство „Бабуна“, по тридневна битка со огнот, успеаја да ги локализираат вчера попладне околу 18 часот. Неколку часа подоцна пожарите се изгаснати додека опожарените површини се контролираат.

Според раководителката на Дирекцијата, Билјана Симова во гаснењето на огнот било интервенирано и од воздух со два Аер авиони на Дирекцијата и два хилихоптери на АРМ.

Допрва ќе се утврдува штетата што ја предизвика огнот кој зафати шуми со даб, бука и јасен. Првично, изгорените и опожарените површини се големи.

Граѓани од село Дреново претпоставуваат дека пожарот во атарот на нивното село опустоши околу 80 хектари шумски појас.

Се претпоставува дека човечки фактор е причина за избувнувањето на пожарите. Шумите се палат за потоа да се обезбеди поевтина сеча на дрва или пасишта а можеби и да се овозможи берба на посебен вид печурки чија цена е висока. Засега потпалувачите воопшто не размислуваат за деградирањето на животната средина и намалувањето на шумскиот фонд.

Утрово е забележано ново жариште на пожар кај месноста Димков гроб кај селото Горно Јаболчиште. Иако огнот се појавил на карпест предел бил локализиран и изгаснат со брза интервенција на Дирекцијата и шумските работници па не го зафатил шумскиот појас./У.Ј

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.