По средбата на работниците со Анѓушев во велешка „Колска“ ставен штрајкот во мирување

Објавено: 29 септември, 2017, во 09:34 часот

Наместо на Железничката станица во Велес и нова блокада на возовите денешното утро работниците на велешка „Колска“ го почнаа со средба со Заменик Претседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев. Тој дојде во фабричите погони и внатре со работниците разговарале за сите барања соопштени на вчерашниот протест како и за решенијата.

Синдикатот, менаџерскиот тим и Анѓушев договориле решенија што првично за седум до десет дена предвидувале конкретни работи.

– Јас денеска дојдов во 7 часот во Колска за лично да им објаснам кои постапки треба да се завршат, за колку време и како за работниците ќе се обезбеди работа. Како сопственик на Колска Владата ќе го исполни ветувањето а и вработените ќе ги исполнат своите обврски. Вработените за седум дена ќе ги земат своите плати и ќе се обезбедат ресурси за репроматеријали за да продолжи непречено работењето на фабриката. Но, решението за Колска треба да биде подолгорочно. За фабриката треба да се обезбедат работа и услови за работа. Работиме на тоа прашање со Македонски железници – Инфраструктура и другите оператори за да обезбедиме подолгорочна и постабилна работа, рече Анѓушев.

– После средбата со Вицепремиерот Анѓушев, синдикатот и работниците се договорија да се стави штрајкот во мирување до наредниот петок, 6 Октомври. Ако до тогаш не се реализираат првичните ветувања, во понеделникот на 9 Октомври повторно ќе го активираме штрајкот, рече претседателот на синдикалната организација Слободан Димитриевки.

Тој додаде дека во разговорот било конкретизирано дека статусот на фабриката ќе се решава во наредните три до четири месеци, временски период во кој работниците имале обезбедено работа затоа што во нивните погони на поправка чекаат педесет товарни и еден патнички вагон.

Исто така според Анѓушев, Владата пристапила и кон генерални решенија за проблемите во Колска со тоа што обезбедила 15 милиони денари со кои што делумно ќе бил зголемен капиталот на фабриката. Ќе следела и постапка за деблокада на фабричката жиро сметка од страна на УЈП поради неплатените даноци.

Инаку, утрово фабричкото обезбедување не му дозволи да фотографира од влезната капија на Колска на новинарот на Дума.мк и дописник на Радио Канал 77 и му забрани влез во дворот на  фабриката со образложение дека имал таква наредба. /У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.