Петров: Доста им е на велешани од лажни ветувања и нереализирани проекти

Објавено: 29 септември, 2017, во 16:33 часот

Во изборната трка за градоначалничката фотеља, Славчо Чадиев продолжувал само да ветува, но не и да остварува. Ветувал изградба на патишта и реконструкции на улици, индустриски зони и фабрики. Се расфрлал со милионски суми на пари, пари на народот, а за изминативе четири и пол години ја презадолжил општината, рече на денешната прес конференција кандидатот на СДСМ за член на Советот на општина Велес, Душко Петров.

– Официјално, Општина Велес има долг во висина од 101 милион денари и тоа кон фирмите за реализирани, а неплатени градежни зафати, кон Јавното комунално претпријатие Дервен и кон фирмите кои ги превезуваат учениците. Но, сомнежите се дека вистинскиот долг е уште поголем, над три милиони евра. Од општина со салдо нула на сметката и една меѓу првите во државата, Чадиев со своето недомаќинско работење ја направи една од најзадолжените во државата. Во опасност ја доведе ликвидноста на општината, што можеше да резултира со блокирање на жиро-сметката и парализирање на сите активности, обврски и надлежности. Господине Чадиев додека ја задолжувавте општината и во неа си ги вработувавте блиските ви луѓе од партијата, граѓаните на Велес едвај сврзуваа крај со крај, со само 200 евра плата, тешко заработена во вашите странски инвестиции. Со каков образ Господине Чадиев по втор пат ја барате довербата од вашите сограѓани, на кои воопшто не мислевте во изминативе чеири и пол години, додека несовесно ги трошевте нивните пари на разни службени патувања, репрезентации и седенки по кафеани, рече Петров.

Тој додаде дека Чадиев ги залажувал граѓаните само со шминкање на улиците без да им ги решел сериозните проблеми затоа што тие и понатаму пазарувале на стариот и нефункционален пазар, газеле во кал наместо по асвалт и сеуште ја чекале катната гаража што им ја ветил Чадиев. Па затоа на велешани доста им било од лажни ветувања и нереализирани проекти.

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.