Д-р Коциќ и Коцевски ветија дека со помош на Банката за храна на Македонија ќе ги помагаат гладните велешани
Објавено: 4 октомври, 2017, во 23:16 часот
Кандидатот за градоначалник на општина Велес ,Аце Коцевски и носителот на Листата за членови на Советот на општината предводена од д-р Ненад Коциќ први се одзваа на прогласот за ублажување на гладот како најтежок вид на сиромаштија упатен до сите кандидати за градоначалници и за членови на Совети во општините во Македонија од граѓанската организација „Банка на храна на Македонија“ со седиште во Скопје. Прогласот беше упатен пред почетокот на кампањата за претстојните локални избори и содржи обврски за помагање исклучиво на социјално загрозени граѓани и сиромашни семејста, рече Душко Христов, Претседател на Банка за храна Македонија.
— Носителот на советничката листа Ненад Коциќ го знам како голем пријател и активист од граѓанскиот сектор и секако господинот Аце Коцевски. Се надевам дека тие ќе дадат свој придонес во нашата иницијатива и Велес да го ставиме во мапата за помош на сиромашни и гладни граѓани преку помош во храна. Очекувам дека и во Велес ќе можеме да отвориме локална подружница за банка на храна на Македонија“
– рече Христов.
И во Велес има граѓани кои секодневно ги пребаруваат контејнерите со цел да најдат храна, рече носителот на листата со кандидати за членови на Советот на општината од коалицијата предводена од СДСМ. Д-р Ненад Коциќ вети дека доколку ја добијат поддршката на велешани, во градот, ќе се реализираат активности на Банката за храна.

– Кога гледаме како граѓани бараат храна по контејнери тоа не е убава глетка ни од социолошки аспект затоа што се гладни па ниту од здравствен и еколошки аспект бидејки тие стануваат подложни на болести исто како и нивните фамилии. Ако ја добиеме довербата на граѓаните како мнозинство во Советот и Градоначалник ние ќе обезбедиме храна за сите сиромашни граѓани затоа што ветивме живот за сите. Преку оваа активност на Банката за храна ќе обезбедуваме храна за најранливите категории на граѓани исто како што во моментов тоа се прави во неколку други општини, меѓу кој е Струмица, каде се спроведуваат активности на оваа граѓанска организација, рече д-р Коциќ.
Голем е бројот на граѓани во Велес кои имаат проблеми да обезбедат егзистенција за себе и за своите семејств, рече кандидатот за Градоначалник Аце Коцевски.

– Претходно кога бев Градоначалник во соработка со МПЦ и Македонскиот центар за меѓународна соработка ја отворивме Црковно народната кујна. За жал тој проект згасна. Ова е една многу добра прилика и понатаму да продолжиме да им помагаме на нашите сограѓани на кои тоа им е неопходно. Со задоволство сакам да истакнам дека откако ќе ја добијам довербата од граѓаните на Велес ќе дадам огромна поддршка на Банката на храна. Го нудам нашето партнерство за соработка и ресурсите со кои располага општина Велес просторни а и други, во рамките на можностите, се со цел големите количества на храна што секојдневно се фрлаат да отидат кај нашите сограѓани на кои им се најпотребни поради тоа што не можат да си обезбедат топли оброци во текот на денот, рече Коцевски.
Сега Банката на храна помага повеќе велешки семејства преку донации што ги дели хуманитарката Ленче Здравкин. По завршувањето на локалните избори доколку Коцевски биде градоначалник со мнозинство во Советот на општината тогаш соработката со Банката за храна ќе почне преку издавање на 50 ваучери на исто толку гладни и социјално немоќни семејства во Велес. Тие секојдневно ќе добиваат храна од Банката за храна на Македонија. /У.Ј


