Дваесет повредени работници на штипски „Ван Хол“ во сообраќајка на експресниот пат Велес – Штип
Објавено: 23 јули, 2018, во 14:21 часот
Дваесет повредени патници од автобус се пренесени на хирушкото одделение во велешката болница, денеска околу 13 30 часот, од сообраќајната несреќа што се случи на патот Велес – Штип во близина на селото Мамутчево. Локацијата на која се случила несреќата е на место кое важеше за црна точка пред реконструкцијата на експресниот пат
– По прегледите осум од патниците со полесни телесни повреди се задржани на болничко лекување додека останатите дванаесет се пуштени на домашно лекување. Постојано се следи состојбата на пациентите кои се примени на болничко лекување, рече портпаролката на ЈЗО „Општа болница“ во Велес, Марина Лазарова.
Според лекарката Панова од Итна помош во Велес најтешко повреден бил возачот на автобусот.
– И при првата помош што му ја укажавме на местото на несреќата и додека го транспортиравме до болницата во Велес возачот постојано се жалеше на болки во едната рака и едната нога. Очевидци раскажаа дека за влакно возачот на автобусот избегнал голема несреќа бидејќи камионот кој доаѓал од спротивна страна се движел наизменично од едната на другата коловозна лента, рече д-р Милка Панова.
Таа додаде дека во транспортот на повредените патници помогнале нивни најблиски кои веднаш стигнале на местото на несерќата како и возила што се затекнале на патот.
Во сообраќајката што се случи околу 13 часот на експресниот пат Велес – Штип, кај село Мамутчево, се судриле автобус кој ги превезувал работниците во втора смена на фирмата „Ванхол“ лоцирана во штипската економска зона и камион ладилник. Автобусот се движел во правец кон Штип додека камионот ладилник во правец кон Велес. Увид на местото на несреќата врши екипа на СВР Штип.
Сообраќајот на патот наизменично се одвива по една коловозна лента, соопшти АМСМ./У.Ј


