Пратеникот Иванов: Влегуваме во Унија од 500 милиони потрошувачи или 250 пати поголем пазар од домашниот
Објавено: 4 септември, 2018, во 13:38 часот
Членството во НАТО ќе донесе нови и големи директни странски инвестиции во Македонија. Инвестициите отвораат нови работни места, а Македонија станува конкурентна, се зголемува растот на платите, ќе се зголемуваат бруто – домашниот производ и извозот, рече во денешото обраќање кон велешани преку медиумите пратеникот од Велес, Панче Иванов.
-Ќе се зголемат фондовите, кои Европската Унија ги вложува во нашата инфраструктура, а со тоа се отвора можноста да се градат уште повеќе нови патишта, мостови, водоводи, канализации, училишта и градинки и сето тоа за подобро утре на нашите деца. Ќе се зголемат фондовите за земјоделците, ќе има повеќе пари за субвенции, за механизација, за повисок приход и подобар производ, но и загарантиран пласман на производите, со многу подобри откупни цени. Инвестициите значително пораснаа, а невработеноста се намали во сите земји од регионот, кои станаа членки на НАТО како Хрватска, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Романија, рече Иванов.
Влегуваме во Унија од 500 милиони потрошувачи, или 250 пати поголем пазар од домашниот, констатираше пратеникот Иванов.
-Вкупната годишна помош на EУ за Македонија изнесува 90 милиони евра, односно 260.000 евра дневно. 15.5 милиони евра годишно за Македонија преку ЕУ програмата за транспорт (фондови со кои се градат патишта, мостови, железници, тунели и друга инфраструктура). 8.5 милиони евра европски пари за заштита на границите на Македонија во 2018 година. 15 милиони евра европски пари за земјоделството во Македонија за 2019 година. 18 милиони евра во 2020 година за реформи во правосудството и во полицијата во Македонија. Македонија избира иднина, ЕУ ја поддржува Македонија и затоа на 30-ти Септември, да излеземе сите ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА, додаде Иванов.

