Старите велешки семејства чии домови биле на влезот во градот

Објавено: 9 септември, 2018, во 16:02 часот

Velesvlez vo gradot fin

Во минатото влезот на Велес, во правец на Скопје и Штип, бил слабо населен. Една од причините билa што веднаш од куќата на Мишалеви, па се до Варналиите и на исток до маалото „Прцорек“, се наоѓале градските турски гробишта. Сепак во тој мал тесен простор на горната страна на денешната улица „Димитар Влахов“, на самиот влез во градот и покрај брегот на Вардар,велешани си изградиле свои куќи. Нема точни податоци кога се изградени куќите но, се смета дека тоа било во период од седумнаесетиот век. Денеска таму многу семејствата не живеат. Староседелците или починале или се иселиле во Бугарија и во други земји. Со помош на Лазо Тренчов и Цанде Влавот ги забележавме старите семејства што таму живееле.

Прва на влезот во Велес била куќата на учителката Невенка. Живеела со мажот и Трајко. Деца немале. До нив била ковачницата на Анушка, а донеа пак во педесетите години на минатиот век, на празниот простор, се изградиле простории во кои работела Авто школата. До автошколата биле ковачниците на ромите Кариман и Илириза, а до нив била куќата на Ѕибови. Имињата на родителите не ги дознаеме како што информацијата дека имале две ќерки Маја и Марина. До нив се наоѓала турска ковачница, па куќата на Марата и на браќата Коло ,Ѓошо и Ордан Севдинови. Коло бил бавчаванџија. Жена му била Веса, а деца Бошко, Пандорка, Ленче и Ацо. Ѓошо имал две деца Трајче и Рахилка, а на Ордана децата е викале Панче, Благој и Анде. До Севдинови куќа изградил воденичарот Лазо Приштот.

Над неговата се наоѓала куќата на автомеханичарот Тоше Капларот, па на бавчаванџијата Никола Мокреа, па на Лена Манева и на Бона Чајлева.Потоа следеле домовите на самарџијата Тоде Брчков , па на брат му столарот Ванчо Брчков, на браќата Гано и Борис Чивчи Ристови, првиот арабаџија а вториот возач, па на бавчаванџијата Алексо Караколев. Последна куќа, која била веднаш до турските гробишта била на семејството на Андреја и Ана Мишајлеви од кое потекнува и нивниот син ракометарот Мишо. Тој бил едно од вкупно четирите деца Душанка, Маријонка, Максим и Мишо Мишајлеви.

По турските гробишта на почетокот на малото Варналиите имало колонијална продавница, па фурната на Ганчо Варналиев и повторно колонијален дуќан.

На десната страна , веднаш до брегот на Вардар се наоѓала куќата на Ристе и Паца Ѕинѕирови со сестрата Дафа, продавачка, па на Атанасаки, потоа на Ташко-влавот чија била големата воденица со осум камења на брегот на реката Вардар. Ташко имал сопруга по име Јулијана, син Аци и ќерка . До него било земјоделското семејство на Ганчо Ѓуров со синот Иле и ќерките Олга и Марија. Таму се наоѓала куќата и на Тоде басистот со ќерките Тања и Мариче. Покрај самата улица биле куќите на браќата Андо и Борис Крстеви. Трајче авијатичарот бил син на Андо, а Стево син на Борис. До Крстеви живееле браќата Трајко и Киро Виличкови со сопругите Тодорка и Зора. Тие биле бавчаванџиско семејство. Трајко имал син доктор Ацо Виличков и ќерка Милка, а Киро имал син Ѓоше и две ќерки Лила и Гордана. До Виличкови била куќата на Војнови со децата Ѓоше и учителката Гордана, па Гигуш бавчаванџијата со синовите Љупчо, познатиот ракометен гоман Гигата и неговиот брат Боро. До нив живеел фурнаџијата Ганчо Варналиев чиј син Александар беше претседател на Собранието на Општина Велес и министер за транспорт и врски во поранешна Југославија. Неговата сопруга се викала Бона.

velesvlez1 fin

На местото на куќата на Ѕинзирови и на Ташко Атанасаки се изградени хотелот „Вила Зора“ и стамбена зграда. По неа во правец кон градот прва е куќата на Никола Цураков, терзија кој за време на СХА бил два пати Градоначалник на Велес. За негово време е изградена пругата за Штип, Девренскиот водовод, а и улицата од Стар Мост до неговата куќа. Никола имал две ќерки Светлана и Катица и еден син, докторот Боби.

До Цуракови живеел Никола Николов, со децата Панче, Магда и Стево , а до нив Карталови, па семејството на Борис и Нада Пиневи кои имале три сина од кои еден се вика Никола. Пред тесното уличе што ја спојува улицата со Вардар куќа изградил Панче Гулев, изработувач на споменици со синот Баже и две ќерки Дафа и Марика. Нивни соседи се и Мирови чиј син е Перо, како и бавчаванџиите Ѓоре и Јосе Галеви. Ѓоре има син Благој со прекар Галето кој сега е сопственик на „Ветекс“, а Јосе има ќерка Зорица. Веднаш под нив била куќата на Лукарови а зад Галеви се наоѓала куќата на Руше и Надица Русјакови, со ќерката Вера Под Русјакови живеело славното илинденско семејство Докурчеви. Александар Докурчев учествува во востанието со својата чета во Крушево. Тој имал син Тодор, а негова сопруга била Коцка со која ги имале децата Александар и Марика.
Под Докурчеви е училиштето „Свети Ѓорѓи“ , а на тој простор во градот многу одамна имало и градска бања.

До бањата била сместена станица за откуп на овошје, па канцелариите на претпријатието „Сточар“ и на крајот бил Народниот театар. Новиот мост сега „Гемиџии“ е изграден 1962 година.

Останатите податоци ни беа многу недостапни затоа не успеавме да ги забележиме во овој текст. За потребни корекции стоиме на располагање. Штом ги внесете, напишете во коментарите на фан страницата на Дума.мк на фејсбук, редакцијата, ќе ги земе во предвид и ќе ги внесе во текстот. Однапред ви благодарам на соработката.

Стоилко Андреевски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.