Велешкото бавчаванџиско семејство Ноеви од кое потекнува познатиот македонски трубач Божидар – Нојот

Објавено: 30 септември, 2018, во 00:06 часот

Nojotdete fin

Во познатото „Алтан маало“, на левата страна од Велес, живеело семејството на Андреа и Цанда Ноеви. Познато домаќинско семејство кое било почитувано и од левата и од десната страна на градот. Андреа бил познат бавчаванџија. Тајните на бавчаванџискиот занает ги научил од познати турски градинари, за подоцна сето свое знаење да им го пренесе на своите синови Киро и Темо.

Andreaizenamu fin

Цанда и Андреа Ноеви

Андреа преку цел ден бил на работа во бавчата, а во пазарните денови своите производи ги продавал на големиот зелен пазар. Бил добар човек.Како душа. Живеел и со Македонци и со Турци. Чесно работел. Борчлија на никого не му бил. Затоа бил почитуван и ценет и како бавчаванџија и како човек од еснафот и од жителите на тогашен Велес.

Кога наполнил дваесет години татко му решил да го жени. Во срцето на Андреја му била убавата Цанда. Му рекол на татка си или Цанда или никоја друга. Видел невидел татко му , со синот Андреја, стројниците и блиската рода, отишле во семејството Пазови да ја побараат убавата Цанда за невеста на својот син. Панзови им ја дале а потоа Ноеви направиле надалеку прочуена свадба со голем број на гости. Се веселеле, играле, пиеле, пееле пет дена и пет ноќи. 

„Точни податоци кога се родени дедо ми и баба ми немам. Но, според кажувањето на татко ми Киро , дедо ми бил роден во 1864 година, а баба ми Цанда 1870 година. Биле многу добри и ценети не само во нашето маало туку и во целиот град. Дедо ми Андреа бил горделив човек. Кога се враќал од бавча сакал на масата да има „чоканче“ со ракија и убаво мезе. Мераклија бил и за песна па често и додека работел во бавчата па и дома , си потпевнувал. Ги сакал најмногу старите македонски песни“, ни вели неговиот внук Божидар Ноев. Тој е познатиот музичар со прекар Нојот.

KiroiGalabaNoevi fin

Киро и сопругата Галаба Ноеви

По една година во брак, односно во 1895 година, им се раѓа првиот син Киро, а пет години подоцна и вториот син Темо.

KiroNoev fin

Темо со сопругата Магда Ноеви

Потоа во 1908 година им се раѓа ќерката Ратка. И Киро и Темо од мали нозе го наследиле татковиот бавчаванџиски занает. Работеле и учеле.

„Во 1924 година татко ми Киро се жени за којничанката Галаба Даменцева. Тако ми многу ја сакаше мајка ми. Тој преку цел ден работеше на бавча, а мајка ми беше домаќинка. Се сеќавам и татко ми и мајка ми најсреќни беа кога јас и моите сестри во училиште добивавме добри оценки. Најголема желба им беше сите да станеме учени луѓе“, додаде Божидар.

Во 1929 година им се раѓа ќерката Надица која по завршувањето на основно оди во Штип и станува учителка од првата генерација на учители во слободна Македонија. Надица во 1951 година се мажи за Милан Ристиќ. Другата ќерка Љиљјана на свет им доаѓа во 1932 година. Таа оди по стапките на својата сестра и со успех завршува земјоделски техничар. Во 1952 година се мажи за Бане Гогов со кого имаат среќен брак. Во 1938 година им се раѓа синот Божидар, кој бил гордост на Киро и Галаба зашто се родил наследник на семејството Ноеви.

„Татко ми Киро цел живот работи како бавчаванџија. Произведувал многу квалитетни пиперки, домати, моркови, компири, зелка , бамји, магдонос и други земјоделски производи кои штом ќе ги изнесел на пазар веднаш се продавале. И чичко ми Темо имал  бавча но, имал и сопствен дуќан на главната улица во кои ги продавал земјоделските производи, рече Божидар.

Aleksandra i Gordana fin

Гордана и Александра Ноеви

Другиот син на Андреа, Темо, со жена му, Магда Страчкова, има две ќерки: Александра, родена 1930 година и Гордана, родена 1936 година, која се мажи за Драган Есмеров.

RatkaNoeva fin

Ратка Ноева со сопругот Милан Анчев – Алдуп

Сестрата на Киро и Темо, Ратка, со сопругот Милан Алдуп, познат велешки дурмаџија, се родители на синот Љубе Анчев Јовевски, роден 1927 година и ќерката Весна, родена 1928 година. Љубе се жени во 1964 година за Нада Петковска,а Весна Анчева, во 1949 година се мажи за Васил Нацев.

Nojoti Tango fin

Божидар Ноев – Нојот со Иван Танго и дувачкиот оркестар во Велес

Најпознато име од семејството Ноеви секако е синот на Киро познатиот македонски и југословенски музичар Божидар Ноев-Нојот. Тој со трубата  другарува уште од мали нозе од музичкото училиште во родниот Велес, преку Гимназијата и градскиот хор се до оркестарот на МРТВ и многу музички состави. Преку музицирањето Божидар остави длабоки траги во развојот на музиката и музичкиот живот не само во Велес, Скопје, Македонија туку и во поранешна Југославија.

GradskiplehorkestarSK fin

Божидар Ноев – Нојот со дувачкиот оркестар на град Скопје

Трубата, во рацете на Божидар, ги разгалува повеќе децении срцата на многубројните љубители на музиката и негови обожаватели. И денес, во многу кафеани, домови и каде ли не, се слушаат многубројните плочи и ленти со звукот на овој голем уметник кој засекогаш останува во срцата на сите љубители на убавата музика. По школувањето велешката и македонска прва труба формира повеќе музички состави. Тој и е комплетен автор на многубројни композиции. Без овој голем музичар не започнувале музичките фестивали во Скопје, Нови Сад и многу други градови во поранешна Југославија.

„Горд сум што сум роден во револуционерниот Велес. Уште погорд сум на моето многу ценето и чесно семејство Ноеви. За мене вечна икона се дедо ми Андреа, бабаба ми Цанда, татко ми Киро, мајка ми Галаба, чичко ми Темо, стрина ми Магда, тетка ми Ратка и сите нивни потомци.Да си од Велес и да живееш во „Алтан маало“ е голема чест и гордост. Горд сум што со мојата труба придонесов за развој на македонската музика. Секогаш мојот Велес, моите корени , ќе ги носам во душата како најсакан дар“, рече Божидар-Божо Нојот.

BozidariJudit fin

Божидар со сопругата Јудит Фаркаш Ноева

Тој во 1964 година се жени за убавата Јудит Ноева Фаркаш, родена 1944 година. Во среќен брак имаат две ќерки Лаура и Клаудија. Лаура е родена 1965 година. Таа во 1988 година се мажи за Мирослав Јовановски. Клаудија е родена 1971 година а во 1995 година се мажи за Константин Кацаров. Божидар своите пензионерски денови, неделејќи се од својата труба, ги минува во Скопје.

KlaudijaiLaura fin

Клаудија Ноева Кацаров и Лаура Ноева Јовановски, ќерки на Божидар Ноев – Нојот

Таков бил животниот пат на познатото семејство Ноеви од Велес. Чесно и почитувано од сите. Во душата и срцето секогаш биле врзани за родниот Велес и за својата Македонија. И дедото Андреа и бабата Цанда па и синовите Киро и Темелко и ќерките Магда и Ратка и сите нивни потомци оставија длабоки траги во растежот на нашава родина. Такво било, такво ќе остане и такво го познаваат и ќе го паметат , жителите на Велес.

Стоилко Андреевски

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.