На избирачките места во Велес референдумското изјаснување тече без проблеми, освен за граѓани што извадиле нови лични карти
Објавено: 30 септември, 2018, во 12:29 часот
На избирачките места во градот Велес референдумското изјаснување до 13 часот се одвива во мирна атмосвера без инциденти или груби нарушувања на процесот. Претседателката на Општинската Изборна Комисија Лили Велкова вели дека излезноста на граѓаните во општината до 13 часот изнесува 14,65% или од вкупно запишани 46.110 веќе излегле и гласале 6.758 граѓани. ОИК Велес нема регистрирано нарушувања на референдумското изјаснување на граѓаните.
Тоа го потврдуваат и претседателите на Избирачките места 2156 и 2157 кои се наоѓаат во средното училиште „Јовче Тесличков“. Освен граѓани кои ја смениле личната карта па нивните фотографии не одговарале со оние во избирачкиот список како и промени во адресите што им го ускратиле правото на гласање.

На избирачкото место број 2156 во 12 часот излегле и гласале вкупно 12% од евидентираните граѓани или 102 од вкупно 799 граѓани. Таму не гласале само граѓаните со променети лични карти.
Според Претседателката на избирачкото место број 2157, Убавка Јаневска излезноста до 12 часот изнесува 22%.

-На ова избирачко место се запишани вкупно 389 граѓани правото на избор го оствариле 89 граѓани. Гласачкото место го отворивме навреме, гласачкиот материјал соодветствуваше на бројот на граѓани и до овој момент нема никакви проблеми, рече Јаневска.
Во зградата на Основниот суд во Велес има две гласачки места. Претседателката на избирачкиот одбор на избирачкото место број 2162 Елена Тодевска рече:

-До 12.30 часот од евидентирани 531 излегле 130 граѓани. Изборниот процес тече без проблеми, граѓаните доаѓаат и си го остваруваат правото на избор.
Освен тројца граѓани кои дошле да гласаат но поради нови лични карти не можеле да го остварат своето право на избор референдумското изјаснување на останатите тече без проблеми и на Избирачкото место број 2161.
Претседателката на Избирачкиот одбор Емилија Дикова рече:
-Гласањето тече во најдобар ред. На ова Избирачко место има запишано вкупно 496 а гласале 17,95%.
Денот на референдумското изјаснување на граѓаните продолжува. Наредниот одзив ќе биде соопштен во 16 часот./У.Ј


