Министерот Бочварски: Ќе ги превземеме сите неопходни мерки за мостот кај Башино Село

Објавено: 3 октомври, 2020, во 15:09 часот

KocevskiiBocvarski fin

3.10.2020

Одговарајќи на новинарско прашање за санацијата на дотраениот мост на Вардар, кај Башино Село, на влезот на Велес од Скопје или за изградбата на нов, при денешната посета на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на Велес рече:

-Ќе добијам информации за состојбата на мостот и веднаш потоа ќе ги преземеме сите неопходни мерки за надминување на проблемите. Можам да кажам дека секој проблем кој ги таргетира граѓаните е прашање коешто ние мораме и е вредно за размислување, но и да бараме начин и решение да го надминеме. Проблемите на граѓаните се наши проблеми кои треба да ги решиме.

Мостот е во сериозно лоша состојба и се наоѓа во 10 приоритети на Општина Велес за наредната година соопшти градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски:

-Имам 10 приоритети за денешната средба со министерот Бочварски и меѓу нив е овој мост. Сега е време кога се подготвуваат и пограмите и буџетот за следната година, државниот и на ЈП за државни патишта, и ќе побарам како најприоритетен проект за Општина Велес да биде и мостот на Вардар кај Башино Село кој е во сериозно лоша состојба. Доколку се урне или стави вон употреба, тоа ќе значи дека целокупниот товарен сообраќај ќе мора да поминува низ централното градско подрачје. Општина Велес има готов проект кој е предаден во ЈП за државни патишта и останува како велешани да се избориме тој да влезе во буџетот на ЈП за државни патишта за следната година.Воедно ќе ја презентираме и идејата за изградба на нов мост на Вардар за поврзување на населбата Речани со Велес, а со изградба на заобиколница околу Велес околу страната на Топилница за целиот товарен сообраќај да не поминува низ централното градско подрачје, додаде Коцевски.

Basinoselomost fin

Изградбата на нов мост на река Вардар, кај Башино Село, е актуелна повеќе години. За неа беа информирани најмалку тројца министри откако стручни лица потврдија дека постоечкиот, изграден пред 49 години за потребите на ЈНА, не може повеќе да го издржи товарот од камиони и автомобили бидејќи дотраена е носечката конструкција на столбовите. Ова е произнесување на стручни лица на Заводот за испитување на материјали и на Градежниот факултет од Скопје./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.