Дваесет и двајца вработени во Општа болница Велес се ковид позитивни или во изолација
5.11.2020
Четири доктори од нив двајца интернисти, еден психијатар, еден лекар секундарец на Одделот за анестезија и еден фармацевт се ковид позитивни во Општа болница Велес. Од средно стручниот персонал во моментов инфицирани се три медицински сестри, по една од Интерно одделение, од Очно одделение и од Детско одделение како и тројца ренген техничари.
Исто така позитивни на ковид -19 во велешка болница се и две хигиеничарки како и еден административен работник.
Вкупниот број на позитивни на коронавирус во оваа јавна здравствена установа денеска изнесува 14 како и осум во изолација од вкупно 300 вработени.
Податоците на новинарско прашање на Дума.мк ги соопшти портпаролката на болницата др Весна Николовска Неделкова.
-Засега болницата сеуште добро се држи во справувањето со последиците од вирусот, но секојдневно се намалува бројот на вработени. Дел поради инфекција со ковид пациенти и дел поради контакти во семејствата .Од вторава категорија ќе соопштам дека имаме и уште осум здравствени работници и хигиеничарки во изолација. Сепак има доволен број на лекари, средностручен медицински персонал, административни работници и техничка служба што додека нивните 14 колеги кои се на лекување како и осумте кои се во изолација да ги заменат. Поточно здравствената установа го има квантитативно и квалитативно бројот на вработени за да даде навремени и квалитетни здравствени услуги на пациентите. Но граѓаните ќе мора сериозно да ја сватат состојбата и да ги почитуваат здравствените мерки и протоколи за да не предизвикаат влошување на здравјето на здравствениот персонал. Тие не смеат да дозволат да останат без лекари и медицински сестри неопходни за лекување на заболените и на сите граѓани како во градот Велес така и во регионот, тука мислам на цело повардарие, рече др Николовска Неделкова.
Портпарлката на велешка болница потврди дека денеска раководството имало работен состанок со лекарите специјализанти за што најави дека конкретно ќе информира во текот на утрешниот ден за кога беше најавено пуштање во употреба Физикалното одделение како втор ковид центар во рамките на велешка болница.
Убавка Јаневска