Во велешка болница 77 ковид пациенти од нив 28, досега најмногу, се на кислородна поддршка
18.11.2020
Од пациентите, кои се лекуваат на три одделенија, најголем е бројот на инфективното каде со вирусот се борат 54, потоа на одделението за Физикална медицина и терапија 13 додека на Интерно Б – тракт има 10 пациенти. Вкупно денеска во ЈЗУ Општа болница Велес хоспитализирани се 77 ковид пациенти од кои 64 се потврдено позитивни, 5 сомнителни и 8 со негативни тестови.
Последната бројка се однесува на пациенти кои им е потребна здравствена помош иако добиле негативен резултат сепак се со симптоми на коронавирус.
Дваесет и осум пациенти се на кислородна поддршка и тоа е највисока бројка што досега ја покажува болничката статистика.
Станува збор за пациенти кои се борат за воздух што е резултат на симптомите што ги покажува вирусот или пак се реакција на психолошки стрес по сознанието дека се разболеле од заразната болест.
Денеска на домашно лекување од Општа болница Велес се испратени тројца пациенти кои веќе се водат како оздравени.
Убавка Јаневска
