Велешка болница дневно троши по 50 боци од по 50 литри со кислород, засега нема застои во испораката на „повеќе воздух“ за ковидпациенти

Објавено на 18 ноември, 2020 во 19:34

bolnicavelesoddron fin

18.11.2020

Дневните и неделни потреби од кислород за ковидпациентите на двете одделенија, Инфективно и Интерно Б-тракт со кислород редовно се задоволени. Во Општа болница Велес испораката од компанијата што ги полни и дистрибуираат боците со кислород се одвива редовно. Во болницата постојано има резервни количини. Ова е дел од одговорот на портпаролката на велешка болница, др Весна Николовска Неделкова на новинароското прашање дали болницата располага со доволни количини на кислород со оглед на фактичката состојба со вкупниот број од 77 додека минатата недела и повеќе пациенти во чие справување со болеста кислородот е многу значаен.

-И предходно во Општа болница Велес секогаш се водела грижа за резервни боци со кислород. Да потсетам дека тие биле и се многу важни во лекувањето на дел од пациентите на Интерно одделение, потоа во операционите сали на Хирушко и на Акушерско одделение, на самите одделенија и на останатите кои имаат шок соби, како Неврологија и секако на Инфективно одделение. Во последниот месец кога се нагло се зголеми бројот на ковидпациенти тие се еден многу значаен сегмент  во лекувањето на вирусот за што дневно се трошат вкупно 50 боци од по 50 литри кислород или на неделно ниво 350 боци со 17 илјади и 500 литри кислород. Општа болница Велес никогаш не останала без резерва а не без боци со кислород, додаде др Николовска Неделкова.

Овој одговор што зборува за месечна потрошувачка на 1.400 боци со 70 илјади литри кислород е сосема спротивен на информации што деновиве проструија во јавноста дека еден фактор за големата смртност на ковидпациентите била недоволната и ненавремена испорака на боците. И не само во Велес туку и низ други градови во државата.

-Тоа се дезинформации што со документи можеме да ги потврдиме како јавна здравствена институција. Испораката е на дневна основа. Има денови кога примаме боци со кислород и по два пати. Боците на дневна основа редовно се проверуваат, се покриваат одделенијата со потреби и секако со резерви што сега најмногу се трошат на двата оддели на кои се лекуваат ковидпациентите. Боци има и на Одделението за физикална медицина и терапија иако таму се лекуваат полесните форми на вирусот, рече др Николовска Неделкова.

Според портпаролката на велешка болница, јавната здравствена институција, уште при првиот бран на вирусот размислувала за воведување на централен систем за кислородна поддршка во Инфективно одделение. Пречка бил нереконструираниот објект. Тој е последно изграден во времето на предходниот систем а денеска е единствен што има потреба од реконструкција. Внатрешноста и не е во толку лоша состојба во споредба со фасадата и прозорците и вратите. Но во него се лекуваат најтешко заболените ковидпациенти.

По 8,5 месеци од прогласената епидемија на коронавирус, др Николовска Неделкова ја прашавме во каква состојба е и медицинскиот персонал, го има ли во доволен број, има ли сили да се издржи и овој налет од пациенти?

Dr Vesna Nikolovska Nedelkova fin

-Мора да се издржи и покрај премореноста. Тоа е наша должност. Бројот на здрав медицински персонал, лекари, сестри, техничари, лаборанти, технички персонал е на потребното ниво. Болницата се снаоѓа во од, за секој заразен или ставен во изолација работник се ротира нов од останатите одделенија. Бројот се обидуваме да го одржиме на оптимално ниво но секако се чувствува отсуството на заболените така што останатиот персонал мора дополнително да се ангажира и покрај зголемениот обем на работа за секој од нас. Се чувствува веќе премореноста кај севкупниот персонал. Да бидам искрена, многу значи, да се намали бројот на заболени ковидпациенти. Граѓаните мора да не разберат и да ни помогнат. Ние сме во болницата тие нека бидат на работните места и во своите домови, така најмногу ќе ни помогнат, додаде портпаролката на велешка болница.

Инаку, сега, на Инфективното одделение во услови на пандемија, има една заболена лекарка инфектолог која е на домашно лекување и две активни од кои една не дежура како и лекарка специјалист по кожни болести која заедно со доброволец лекар кардиолог ги покриваат дежурствата. Исто така на Инфективно работат и 2 лекари по Општа медицина , од вкупно 5, кои добиле но не започнале да специјализираат. На ова одделение има и по шест сестри во 12 часова смена или вкупно 24 што секојдневно работат.

На Интерно активни се 7 лекари специјалисти по интерни болести, од кои 4 дежураат и на Интерно и на Инфективно одделение додека поради зараза со коронавирус на домашно лекување се тројца специјалисти. На ова одделение, на Б-тракт, со ковид пациенти работат вкупно 8 сестри и техничари, по двајца во 4 смени.

На Одделението за физикална медицина и рехабилитација активни се 7 лекари специјализанти,кои ја прекинаа специјализацијата и се ставија на располагање, за лекување на полесните форми на заболени ковид пациенти. Тие ги покриваат и дежурствата на ова одделение. Со нив работат по 3 сестри во 4 смени.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.