Во Штип, во првото приватно национално радио – Канал 77, од сопственикот Горан Гаврилов се збогуваа вработените, колегите и пријателите
12.03.2021
„Јасно, кратко и брич. Знаеше да ми рече: „Виолетке зборовите не се леблебијата така да ги рониш. Ако е зборот леблебија тој што сака ќе го наштрапа и ќе го смачка. Бисер треба да е. Ако проба некој да го стапне, да се лизне и на теме да падне. И сега што бисер да сронам за него? Вака Виолета Глигороска го започна своето емотивно, пријателско и професионално збогување од Горан Гаврилов на комеморацијата што денеска се одржа во салата на Мултимедијалниот центар на Канал 77 во Штип.
Додавајќи дека во изминатите 18 часа,како на филмска лента и поминале две ипол децении од заедничката соработка Глигороска констатираше дека со многу слични идеи, како двајца соборци, таа и Гаврилов воделе битки. Некој од нив како сизифова мака.
-Ноќеска добив пораки пораки од куп луѓе од Белград, Загреб, Будимпешта, Лондон и во нив покрај сочувството беше прашањето: „Ами сега со реформите, со медиумите како ќе се тера? Оти не дека друг некој не знае? Никој друг го немаше ентузијазмот и желбата да направи по добро како што ги имаше тој. Никој немаше толкава енергија и храброст и срце толкаво како што беше тој. Да, местото ќе биде празно но од оваа маса знам и можам да ја кажам онаа на Гане. Оти на последната средба пред десеттина дена ме праша: Има ли уште некој што ја знае медиумскава индустрија колку сме, колку останавме? Е затоа е заветната од Гане за него: Горане, колку сме толку сме и токму сме. И ќе ја продолжиме. Се она за кое што сакаше, битисуваше. Има овде многу „Каналци“ што ќе тераат по тебе и има многу Гаврилови што ќе одат по тебе и твоите соништа ќе ги сторат јаве. Негде од озгора белким ќе можеш да го видиш плодот на твојата работа. Слава ти, додаде Глигороска.
-Секогаш е тешко да се кажат само неколку зборови во ваква тажна и трагична ситуација но она што знам е дека Центарот за развој на медиумите и јас изгубивме пријател кој во неколку наврати ни беше член и претседател на Бордот, рече Дејан Горгиев. Тој додаде:
-Поважно од ова е што беше соговорник, соработник, некој што секогаш стои на располагање за консултации, за разговор па ако треба и за кавга во која ќе речеше: „Другарче тоа така не бива“. За жал многу битки останаа да се бијат уште. Изгубивме пионер но и човек што меѓу првите го свати значењето на новиот дигитален момент за кои што сонуваше како што се интегрирани редакции, мултимедија, за цела една мрежа на локални радио станици под крилото на Канал 77 ќе информираат, забавуваат, едуцираат. Секогаш на ова радио гледаше пред се како на јавен сервис не како на комерцијален медиум. Ќе ни недостига неговиот елан, жар да јуриша на ветерниците на нашата не постоечка или барем не адекватна медиумска политика, на потребата да се следи нешто, да се смени тој пусти Закон што никако не успеваме да го смениме, за да може да ги оствари сите свои соништа. Загубата е секако недоместлива. Слава му, рече Горгиев.
Тој изрази сочувство за загубата на семејството Гаврилови, на вработените во Радио Канал 77 и целата медиумска заедница и потоа порача дека сега останува само на следбениците на Горан да се заложат да ги исполнат неговите очекувања.
За идеата на Гаврилов, уште од 1991 година, Канал 77 да биде глас на граѓаните и слушателите дома и настојувањата да биде раскажана неговата реформаторска и приказната за борецот за слобода на слободните медиуми во Прага, Белград, Вашингтон, Брисел и се до земјите во Африказа граѓански медиум говореше соборецот Столе Наумов.
-Приказната Радио Канал 77 започна пред цели 29 години, додека јас бев студент, кога на вратата од мојот дом се појави еден човек, Горан, кој ми рече: Сакаш ли да работиш на еден проект што се вика приватно радио? Јас прифатив и таа приказна трае исто толку време. Планирав деновиве да му се јавам за да ги провериме камерите, телевизиското студио, светлото, микрофоните за да ја продолжиме приказната на уште по високо ниво. Но ќе мора тоа да го направиме сами, без него. За Горан можам да зборувам со часови, со денови. За неговата посветеност на радиото, на медиумите, на медиумскиот бизнис, на новинарството на крајот на краиштата. Тој беше радиото, не му беше бизнис, тој живееше со радиото му беше целиот негов живот. Се ова е негово дело и благодарен сум што овозможи медиум во кој што ќе можеме да го правиме тоа што го сакаме. Да бидеме креативни и да бидеме слободни. Ова радио дишеше и ќе дише слободно. Дишеше со пркос, со провокации, со дрскос кон политичарите. И така и ќе продолжи, рече Наумов.
Велејќи дека Гаврилов никогаш не се мешаше во уредувачката политика Наумов го цитираше Горан:
-Слободата не е дадена еднаш за секогаш, морате постојано да се борите за неа Ако не се борите и изборите друг ќе ви ја земе и ќе ве покори иако е гарантирана со Устав, со најразлични Конвенции се тоа е мртов збор на хартија ако секојдневно не се трудите да го освоите тој простор и не дозволите некој да ви го грабне. Тоа можам да му го ветам во свое и во името на оваа прекрасна екипа дека таа слобода нема да дозволиме никој да ни ја украде. Горан слава ти и Бог да те прости. Нека се живи и здрави Виктор и Максим и Господ да му даде среќа и успех на радиото и на сите во радиото, додаде Наумов.
На комеморацијата пред семејството Гаврилови присутните од Горан, кој почина во јубилејната 30 година од постоењето на Радио Канал 77, се простија со долг и громогласен аплауз.
Посмртните останки на Горан Гаврилов беа погребани денеска на Градските гробишта во Штип.
Убавка Јаневска