Мал број на прочкарчиња годинава на „Оптири лајлам“ во домовите на велешани
14.03.2021
Облечени во облека што асоцира на баба и лекар денеска до пладне мал број на дечиња прошетаа низ маалата и сокаците во стариот дел на Велес. Состојбата со пандемијата на корона врус се чини дека беше пресудна, годинава, децата да не се групираат и да не ги посетат масовно, како изминатите години, домовите на велешани на кои им ја пеат прочкарската песна „Оптири лајлам“. Тоа е традициија во градот кога се пее :
„Оптири лајлам – трала ла ла лајлам
дедо пие ракија – мезе му е слезенка.
Ооо дедо, дедо, слатка ли е ракијата,
слатка е бре деца како мед и шеќер.
Буц бабата.
Бабата е болна од шеќерна болест
на бабата благце, на докторот париче“.
На дечињата што дојдоа по испеаната песна им следуваше награда. Парче баклава и паричка.
Постарите домаќинки се заблагодаруваа за посетата на прочкарчињата велејќи дека им внеле ведрина во домот. Потоа следеше благословот за здравје, среќа и бериќет.
Убавка Јаневска