Новогодишни подароци и за дечињата кои немаат некој што ќе им подари!

Објавено: 30 декември, 2013, во 17:50 часот

Дедо Мраз од Лапонија пристигна во Велес. Во просториите на Фондацијата „Фокус“ стигна пеш. На љубопитните дечиња, кои таму седеа и го чекаа, им раскажа како временските услови годинава му создадоа сериозни проблеми.  Нема снег па затоа санката е гаражирана а неговите големи пријатели, ирвази, одмараат. Затоа тој одлучил пеш да го прошета целиот град. Прво стигна во зградата на фондацијата „Фокус“  бидејќи знаеше дека таму го чекаат умни дечиња, одлични ученици и заслужни добитници на подароци.

Овој вовед беше доволен Дедо Мраз да биде главна личност на новогодишната забава на која се пееше, танцуваше и рецитираше. Потоа се делеа новогодишни пакетчиња и подароци. Ја организираа вработените фондацијата  „Фокус“ на барање на донаторот Ротари клуб „Бели Мугри“ од Велес.

– Особено ни е драго што ротари клубот не избра како партнер   на овој навистина благороден настан со кој израдувавме вкупно 21 детенце. Прифативме 15 дечиња од згрижувачки семејства и  6 дечиња од социјално загрозени семејства. Јас верувам дека ова партнерство ќе вроди со уште поголем плод , не само за Нова година туку и во наредниот период, ќе осмислиме и организираме настани на многу повеќе луѓе на кои им е потребно внимание и љубов од заедницата, рече Весна Шкортова извршен директор на Фондација „Фокус“.

– Новогодишната акција ја спроведовме со цел да ги израдуваме оние на кои тоа им е најпотребно. Во акцијата пакетчињата ги донираше Маркети „Жито“ а ротари клубот донираше играчки.  И благодариме за несебичната помош на фондацијата Фокус, рече Пере Гуџов претседател на ротари клубот.

Штом новогодишните подароци стигнаа во рацете на дечињата се создаде очекуваната еуфорија. Нивните ширум отворени очиња гледаа во кукли, автомобили, топки и други играчки. Имаше чоколади и многу бонбони.

Се што добија беше проследено со широка насмевка и неверување дека некој се сетил токму на нив. Нивните реакции потврдија дека детето е дете без разлика дали расне покрај своите мајка и татко или крај членови на згрижувачко семејство. Дека тоа е така говореа желбите што децата му ги кажуваа на Дедо Мраз. Една од нив беше оваа:

„ Дедо Мраз в година да ми донесеш компјутер, може бел или црн, само нека е компјутер“!

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.