И втората група на поранешни Порцеланци ќе мора да докажат дека се во право пред Уставен суд
Се додека не ја тужат државата и Управен суд не потврди дека се во право, нема да добијат паричен надомест триесетината поранешни работници од велешка Порцеланка. Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски вели не може да се земе предвид констатацијата на овие работници кои сметаат дека законот е закон и мора да важи за сите без пресуда на судот. Тој смета дека тие не добиле пари бидејќи на време не ја тужеле државата.
– За тие што подоцна се пријавија, ние направивме комплетно истражување кога комплетно ги проверивме нивните документи и утврдивме дека поголема група од вкупниот број на поранешни работници, после добивањето на второстепеното решение во 2002 година од министерството за труд и социјална политика , во 2009-та година, воопшто немаат поднесено тужба до управен суд за да го оживееме предметот и да стане активен. Јас се слушнав со нив а моите колеги од Велес контактираа и ги упативме да си поднесат тужба до Управен суд, рече Поповски
Тој тврди дека преостанатите поранешни Порцеланци само ако имаат пресуди од управен суд и ги исполнуваат условите ќе добијат позитивни решенија.
– Јас ги охрабрувам да поднесат тужба. Ние ќе ги доставиме истите документи што на судот му ги доставивме и за претходната група. Спремни сме да го направиме тоа во рокови кои треба да се запазат, рече Поповски.
Државата на Порцеланци им го оспоруваше правото за месечен надомест тврдејќи дека фабриката била приватна, па пет години се докажуваа по судовите. Неодамна на седумдесетина им даде позитивни решенија со што треба да им исплати седум илјади евра заостанат долг и до пензионирање да земаат по седум илјади денари месечно. Оние кои останаа без надомест беа револтирани и бараа законот да важи за сите поддеднакво. Сепак веќе побарале правна помош и очекуваат дека ќе успеат да дојдат до нивните пари./Б.Н