Раздор меѓу верниците во велешкото село Горно Оризари
Поделбата во две групи на верници во селото, оддалечено десеттина километри од Велес, ја предизвикала смената на стариот оџа со нов. Таму деновиве се случил инцидент и имало физички напад. Тоа се случило токму на доделувањето на решението на новиот оџа, назначен од ИВЗ. Тогаш нападнат бил претседателот на џамискиот одбор. Инцидентот е пријавен во велешката полиција која работи на расветлување на случајот.
Деновиве кога новинарските екипи беа таму во селото беше видливо присуството на полицијата. Дел од верниците, кои стоеја пред џамијата и не влегоа внатре на верскиот обред џума, раскажаа дека биле приврзаници на стариот ислам и биле револтирани од случката на која манифестацијата на сила значела и обид за превласт од страна на верници кои го прифатиле новиот, радикален ислам. Тие велеа дека во селото се почесто се забележуваат верници кои почнале да носат бради и коментираа дека биле дел од вахабистичката струја во џамијата. Располагале со повеќе пари и на тој начин ги убедувале верниците да преминат на нивна страна.
За случката во Горно Оризари не коментираше оџата во велешката џамија. Тој рече информации да бараме од ИВЗ или од муфтијата Чорески. Тој дури утре ќе излезе со официјален став.
Инаку во последно време се погласно се зборува за продор на исламскиот фундаментализам во земјава, кој регрутира луѓе со пари од сомнителни фондации.
Инцидентот од средата е пријавен во велешката полиција која работи на расветлување на случајот. Денеска од СВР Велес најавија дека за напаѓачот од средата ќе поднесат кривични пријави за спречување на верски обред и за физички напад./Д.С