Претседателот на Советот на општина Велес реагира на реченица на вчерашниот текст „Опозицијата ја напушти седницата на Советот на општина Велес“

Објавено: 15 октомври, 2013, во 15:23 часот

Претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев денеска реагира на реченицата „Без многу задржување власта сама ги изгласа неколку предлог програми за буџетот за следната година“ која беше пренесена во вчерашниот текст „Опозицијата ја напушти седницата на Советот на општина Велес“.

Веб порталот Дума.мк ја објавува реакцијата:

„ Во насока на објективното информирање на јавноста а во контекст на информацијата која во текот на вчерашниот ден се појави на прилог во Вашиот веб-портал, и гласеше „без многу задржување власта сама ги изгласа неколку предлог програми за буџетот за следната година”, како Претседател на Советот на Општина Велес чувствувам професионална но пред се морална обврска такавата дезинформација најостро да ја демантирам.

Со единствена цел за претставување на реална слика пред граѓаните, а истовремено да се избегнат монтирани сценарија кои можат да имаат негативни последици во јавноста, потребно е да се знае дека 10-тата седница на Советот на Општина започна во 14.30 часот а истата заврши во 19.45 часот. Во текот на одржувањето на седницата, присутните советници активно се вклучија во расправата, дискутирајќи за сите предложени точки, вклучувајќи ги и нацрт-програмите за работата на Општина Велес за 2014 година. Впрочем тоа е должност на советниците, да работат и да се грижат за интересите на граѓаните. И тука нема компромиси.

Се надевам, во рамките на професионалниот новинарски кодекс, веб-порталот ДУМА во целост да го објави овој демант, а доколку постои потреба слободно и да се провери наведената ситуација.

Како претседател на Советот на Општина Велес и во наредниот период останувам отворен за соработка со сите медиуми вклучувајќи го и Вашиот, во насока на професионалното и непристрасно известување на јавноста. Само така ќе имаме јасна слика за состојбата во која живееме и во која функционираме, пишува во рекацијата испратена од прес службата во Општина Велес.

Инаку на дневен ред на вчерашната седница имаше вкупно 19 точки од кои речиси сите беа нацрт програми за тоа како ќе работи локалната власт во сите области од општественото живеење  во градот. Беше проследена со неколку петнаесет до дваесет минутни паузи, а  најдолгата траеше еден час, после заминувањето на советниците од опозицијата поради револтот од најавеното апсење на председателот на советот во Општина Центар. За речиси секоја точка се јавуваа по двајца советници, кои говореа по околу пет минути, а за дел од точките ниту еден. Ова е неспоредливо со минатогодишните дебати кога на дневен ред на седниците биле нацрт програмите за буџетот, а кога дебатираа повеќемина советници со долги дискусии и по неколку пати.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.