Шеќеринска: Власта е нервозна од конкретните мерки на СДСМ
Потпретседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска денеска во Велес ги слушаше проблемите со кои се соочуваат велешани, а ги промовира и мерките за враќање на средната класа во земјава кои со програма ги нуди СДСМ.
„Факт е дека оваа активност на СДСМ предизвикува секаде позитивни реакции кај граѓаните и дека тоа ја прави власта многу нервозна. Како никогаш до сега слушавме навреди, напади, неаргументирани обвинувања и лаги. Слушнавме пред неколку дена дека СДСМ, замислете, и ние поединечно сме биле непожелни граѓани во оваа држава и во оваа општина. Си го поставувам прашањето каде тргна Македонија со ваквата власт, кога власта се чувствува моќна да прогласува подобни и неподобни граѓани на својата држава? Во ситуација во којашто 81,5 проценти од младите на Велес велат дека сакаат да си одат од државата, во ситуација во којашто секој ден од Велес си одат по неколку млади од своите фамилии и бараат чаре во друга држава. Во ситуација во којашто Владата му подарува пари и земјиште на Субрата Рој, кој својата држава не може да ја убеди дека не е криминалец“ рече Шеќеринска нагласувајќи дека им се забранува и се спречуваат да ги посетат граѓаните.
Најави дека СДСМ ќе гради држава во која секој ќе бил еднаков пред законот, во која сите ќе се почитуваат и никој нема да бил дискриминиран.
„ Ќе градиме Македонија во која слободата ќе биде гарантирана, слободата за поинакво мислење, слободата за поинаква партиска определба, слободата на протест и слободата на вистински медиуми кои чесно и професионално си ја работат својата задача. Затоа власта е нервозна. Затоа што се свесни дека единствените полуги со кои владеат се стравот и сиромаштијата. Сакаме среќна, слободна и богата Македонија и тоа е алтернативата која што им ја нудиме на граѓаните. Тоа е алтернативата која што граѓаните на цела Македонија ја поздравуваат“ рече потпретседателот на СДСМ.