Спомен костурницата целосно ќе биде реновирана
Објавено: 25 март, 2014, во 09:28 часот
Реконструкцијата на Спомен костурницата е во завршна фаза, државата ќе ја чини над 80 илјади евра. Целосно ќе биде обновена внатрешноста и надворешноста на објектот, најави министерството за култура.
– Оваа година направена е пресметката за реконструкција на Спомен костурницата некаде околу пет милиони денари ќе ја чини државата, рече Елизабета Канческа Милевска, министерка за култура.
При последната посета во Велес министерката за култура најави дека новата театарска зграда за краток период ќе биде спремна да ги прими актерите. Најави посета за средината на наредниот месец, април, кога заедно со неа, актерите ќе се запознаат со новите услови за работа и техниката. Дури потоа објектот ќе биде отворен за редовен театарски репертоар.
Според плановите на министерството, годинава на ред се и спомен куќите на Варналиите. Тие се влезени во програмата за обнова на старите градски јадра и ќе се работи на обновување на нивната фасада.
-Ќе се работи на фасадите на куќите на улицата Јован Алабакот, се со цел да се задржи автентичноста на старата велешка архитектура, рече Милевска.
Инаку во тек е постапката за откуп на останатиот дел од куќата на Васил Главинов. Министерката Канческа Милевска најави дека до крајот на годинава оваа процедура ќе заврши и куќата ќе и биде отстапена на општината, за која веќе се предвидени пари од буџетот./Д.С
