Во велешката болница, наскоро, ОРЛ и очно ќе делат едно одделение
Во велешката болница пациентите кои имаат потреба од лекување на болести на очи и на уво, нос и грло услугите ќе ги добиваат на еден заеднички дел. Тоа ќе се случува на петтиот, највисок кат во болницата, на досегашното одделение за очни болести. Лекарите ќе прегледуваат во посебни амбуланти а болничките пациенти ќе ги делат шесте соби на одделeнието.
Во болницата се случува реорганизација на просторот на која веднаш реагираа лекари специјалисти за уво, нос и грло. Тие сметаат дека не треба да се затвори операционата сала во која досега ги вршеа операциите и не е дозволиво во салата на очно да вршат операции и на уво, нос и грло.
Директорот д-р Атанас Василев вели дека револтот на лекарите бил неоправдан и се свел на дезинформација бидејќи во болницата нема да се вршат операции на очи и грло во една сала.
-Операциите на очи ќе се вршат во постоечката сала на очно одделение додека операциите на уво,нос и грло како што се тонзили и отстранувањето на трет крајник ќе се врши на ендотрахијална анастезија во хирушкиот блок бидејќи таму има и анестезиолози и апарати. Тоа значи дека ОРЛ хирушките зафати ќе се изведуваат во хирушките сали на вториот кат во болницата, рече д-р Василев.
Тој додаде дека години наназад потребата од болничко лекување на двете одделенија на петиот кат во зградата била мала и собите зјаеле празни . Дваесет и четирите кревети на очното одделение ќе биле доволни за работа на двете одделенија. Болницата се соочила со потреба да ја повлече администрацијата и архивата која сега работи во дел од објектот на Здравствениот дом во градот. Службите ја подготвувале архивата и штом завршат со тоа тие ќе се вселат во просторот на петиот кат во болницата каде сега е сместено ОРЛ одделението./Б.Н