Велес беше домаќин на Регионален саем на социјални претпријатија во Вардарски плански регион (ФОТО)

Објавено на 12 ноември, 2021 во 17:04

Со учество на претставници на на граѓански организации, средни и основни училишта од Вардарски регион денеска во градот се одржа регионален саем којшто имаше за цел да им овозможи претставување пред јавноста или информации на учесниците како социјалното претприемаштво да го практикуваат во својата работа. На манифестацијата беше презентиран концептот на социјални претпријатија, како и Стратегијата за социјално претприемништво. Поточно начинот и концептот на заинтересираните здруженија, поединци, училишта и компании којшто овозможува тие да допрат до можни извори на финансирање од една и од друга страна да им биде олеснет пристапот на нивните изработени производи, најчессто рачни изработки, сувенири и иновации, до локалените и регионани пазари.

Првиот регионален саем „Социјално претприемништво во Вардарски плански регион“ го отвори Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев. Поздравувајќи ги учесниците и заинтересираните граѓани порача дека социјалното претприемаштво претставува вид на модел за имплементација на поинаков, поактивен пристап  на обезбедување поддршка на локалната заедница и на граѓаните од ранливите категории.

– Сите ние сме поврзани меѓусебе, граѓанските организации, социјалните претпријатија, јавните институции, училиштата, универзитетите, локалните бизниси, Заедно можеме да оствариме нов почеток на интегриран регионален потенцијал со цел изнаоѓање нов начин на соработка и решавање на социјално општествените предизвици преку вклучување на луѓето од ранливите категории, додаде Колев.

Тим лидерот на проектот „Поддршка на социјално претприемништво“, Барбара Садовска коосновач на Фондација „Барка“ од Полска, објаснувајќи ги значењата на овој модел  и начините на работа информираше дека нивната поддршка ќе значи создавање на услови коишто имаат за  цел да ги поттикнат, развијат и помогнат социјалните претпријатија.  

-Истовремено да им помогнеме и на останатите ентитети во локалната самоуправа да ги препознаат и да можат да ги искористат сервисите, како овие денеска, кои имаат изложено многу ракотворби, многу услуги за да можат еден ден да бидат искористени од страна на локалната самоуправа. Нашиот проект помага во развојот и во делот на усвојување на  Стратегија на социјално претприемништво што за прв пат се случува во Северна Македонија.  Стратегијата за прв пат се усвои пред еден месец и заедно со други чинители помогнавме да се испланира Акциски план којшто е осмислен со цел да го помогне овој процес, не само на развој на социјалните претпријатија туку и за формирање на потребниот еко систем за нивно функционирање, додаде Садовска.

На саемот пред присутните  беа претставени три успешни приказни на социјално претприемаштво. Првата на економското училиште „Јовче Тесличков“ од Велес  кадешто ученици изработија иновативно помагало, „Рингобит“, којшто е решение за учениците за полесно совладување на наставниот предмет математика . Втората на Здружението на граѓани „Иднината е сега“ коешто претставува иновативно решение за поедноставно ракување со  интерактивна табла, веќе употребувана во повеќе од 200 училишта.  Третата приказна на граѓанската организација  „Хумана ес“ којшто 24 години работи на развивање на социјални  услуги во заедницата за потребите на граѓаните.

Организатор на денешниот настан беше Центарот за развој на вардарски плански регион. Настанот се организира во рамките на Глобалната недела на претприемаштвото во соработка со„ X Фактор Акцелератор“  од Велес.  Проектот „Поддршка на социјалното претприемништво“ е финансиски поддржан од Европската Унија и спроведуван од „Ептиса“ во конзорциум со Фондација „Барка“ и „Екорис“ како и во соработка со Министерство за труд и социјална политика.

Стефани Манева

ФОТО ГАЛЕРИЈА:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.