Велес, ноќеска пет и 14 минути по полноќ, ги доби Марија и Ерина, првите жителки во новата 2022 година (ФОТО)

Објавено на 1 јануари, 2022 во 13:56
Фото: Марија Тасевски и Ерина Муртезани

Детски плач, во два наврати, ноќеска веднаш по полноќ се слушна на Одделението за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Општа болница Велес. Прво заплака Марија, само пет минути а потоа и Ерина 14 минути откако велешани си ја честитаа новата 2022 година. Марија е прва рожба на дваесет и три годишната Стефани Тасевски а Ерина, втора рожба на дваесет годишната мајка Мејрем Муртезани.

Фото: Марија и Стефани Тасевски

Ако ноќеска по полноќ плачот на Марија одекна во гинеколошката сала таа денеска со насмевка ги пречека првите гости, градоначалникот Марко Колев и новинарските екипи. Ерина пак беше сериозна. Тие веројатно незнаат колкава радост им приредија на дежурниот гинеколог и педијатар, на акушерките и медицинските сестри, на семејствата Тасевски и Муртезани како и на граѓаните на Велес.    

Фото: Ерина и Мејрем Муртезани

-Прекрасни ни се и двете девојчиња. Првото новороденче е Марија. Таа на свет ни дојде во 00:05 часот. Тешка е 3кг и 320 грама додека Ерина се роди во 00: 14 часот и е тешка 4 кг 170 грама. Тие се дел од моите јубилеи, годинава, поточно 60 години од животот, 40 години од дипломирањето на Медицинскиот факултет и 35 години работа на Одделението за гинекологија и акушерство во велешка болница. Околностите со итната интервенција што морав да ја направам пред нивното породување ми го поремети планот двете мајки Стефани Тасевска и Мејрем Муртезани да ги породам во 00:01 часот, рече Прим д-р Атанас Василев, специјалист по гинекологија и акушерство.

Фото: Прим. д-р Атанас Василев
Фото: Прим. д-р Лидија Панчевска

-Двете новороденчиња се здрави, со добра тежина и со добра оценка веднаш по породувањето, рече Прим. д-р Лидија Панчевска, специјалист педијатар во Општа болница Велес.

Фото: Градоначалникот Марко Колев со Прим. д-р Атанас Василев и медицинскиот тим на Одделението за гинекологија и акушерство

Градоначалникот Марко Колев ги посети бебињата и нивните мајки. Новороденчињата ги даруваше со подароци додека штедната книшка со парични средства во висина од 15.000 денари и ја предаде на Стефани Тасевски. Бебето Марија официјално влегува во градската статистика како прво новороденче во 2022 година.

Фото: градоначалник Марко Колев

-Ги посетив двете новороденчиња. Чувството е убаво од кога дознав дека по неколку минути во новата 2022 година се родила Марија а по десеттина минути и Ерина. Прим. Д-р Василев ме информираше дека и бебињата и мајките се добро. Очекувам и посакувам годината да ни биде родна и берикетна. И на граѓаните на Велес им посакувам среќна 2022 година со желби за здравје, успех, напредок , единство, сплотеност, рече градоначалникот Марко Колев.

Според Прим. Д-р Василев минатата година во велешката болница се родија 396 новороденчиња. Во споредба со претходните години зголемен е бројот на велешанки кои одлучија да се породат во велешка болница наспроти родилките од соседните општини и Вардарски регион.  Тој им порача на велешанки при изборот за породување сепак да и дадат предност на Општа болница Велес која располага со стучен тим на лекари како и медицински персонал кои заслужува доверба во делот на квалитетното и безбедно породување.

Фото: Семејство Муртезани

Пред влезната врата на Одделението за гинекологија и акушерство веќе започнаа да пристигнуваат и среќните семејства. Таму го затекнавме таткото на Ерина како и нејзината баба и братучедка.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.