Велес, ноќеска пет и 14 минути по полноќ, ги доби Марија и Ерина, првите жителки во новата 2022 година (ФОТО)
Детски плач, во два наврати, ноќеска веднаш по полноќ се слушна на Одделението за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Општа болница Велес. Прво заплака Марија, само пет минути а потоа и Ерина 14 минути откако велешани си ја честитаа новата 2022 година. Марија е прва рожба на дваесет и три годишната Стефани Тасевски а Ерина, втора рожба на дваесет годишната мајка Мејрем Муртезани.
Ако ноќеска по полноќ плачот на Марија одекна во гинеколошката сала таа денеска со насмевка ги пречека првите гости, градоначалникот Марко Колев и новинарските екипи. Ерина пак беше сериозна. Тие веројатно незнаат колкава радост им приредија на дежурниот гинеколог и педијатар, на акушерките и медицинските сестри, на семејствата Тасевски и Муртезани како и на граѓаните на Велес.
-Прекрасни ни се и двете девојчиња. Првото новороденче е Марија. Таа на свет ни дојде во 00:05 часот. Тешка е 3кг и 320 грама додека Ерина се роди во 00: 14 часот и е тешка 4 кг 170 грама. Тие се дел од моите јубилеи, годинава, поточно 60 години од животот, 40 години од дипломирањето на Медицинскиот факултет и 35 години работа на Одделението за гинекологија и акушерство во велешка болница. Околностите со итната интервенција што морав да ја направам пред нивното породување ми го поремети планот двете мајки Стефани Тасевска и Мејрем Муртезани да ги породам во 00:01 часот, рече Прим д-р Атанас Василев, специјалист по гинекологија и акушерство.
-Двете новороденчиња се здрави, со добра тежина и со добра оценка веднаш по породувањето, рече Прим. д-р Лидија Панчевска, специјалист педијатар во Општа болница Велес.
Градоначалникот Марко Колев ги посети бебињата и нивните мајки. Новороденчињата ги даруваше со подароци додека штедната книшка со парични средства во висина од 15.000 денари и ја предаде на Стефани Тасевски. Бебето Марија официјално влегува во градската статистика како прво новороденче во 2022 година.
-Ги посетив двете новороденчиња. Чувството е убаво од кога дознав дека по неколку минути во новата 2022 година се родила Марија а по десеттина минути и Ерина. Прим. Д-р Василев ме информираше дека и бебињата и мајките се добро. Очекувам и посакувам годината да ни биде родна и берикетна. И на граѓаните на Велес им посакувам среќна 2022 година со желби за здравје, успех, напредок , единство, сплотеност, рече градоначалникот Марко Колев.
Според Прим. Д-р Василев минатата година во велешката болница се родија 396 новороденчиња. Во споредба со претходните години зголемен е бројот на велешанки кои одлучија да се породат во велешка болница наспроти родилките од соседните општини и Вардарски регион. Тој им порача на велешанки при изборот за породување сепак да и дадат предност на Општа болница Велес која располага со стучен тим на лекари како и медицински персонал кои заслужува доверба во делот на квалитетното и безбедно породување.
Пред влезната врата на Одделението за гинекологија и акушерство веќе започнаа да пристигнуваат и среќните семејства. Таму го затекнавме таткото на Ерина како и нејзината баба и братучедка.
Убавка Јаневска