Славното велешко маало на Орце и Миле Поп Јорданови
Под Којник и Теќе живеело со векови најчисто македонско население во Велес. Од куќите, со широки чардаци, изградени на карпи, Велес се гледа како на дланка, а тесните сокаци, биле посебна приказна. Мирисот на леб, сукано, баклава , месо се ширел низ маалото од двете фурни на браќата Ордан и Тоде Андрееви. Пред секоја порта имало голем камен на кој седеле старите домаќинки и раскажувале за се што се слушнало како во маалото така и на Којник, во градската чаршија и низ другите маала. Се се знаело, кое момче фрлило мерак на која мома, кој се верил, кој свадба ќе прави и кој починал во градот. Тие камења биле собиралиште пред се на жените и тоа секое утро откако ќе ги испрателе мажите на работа, ќе го изметеле дворот и улицата пред портата. За Прочка и за Велигден камењата биле варосувани.
Жителите од ова маало, како и во другите, живееле сложно.Аргати, работници, занаетчии, ученици, студенти, сите како едно семејство. Токму таму живеело и семејството на големите борци за слободата на Македонија, гемиџијата Орце Поп Јорданов и неговиот брат Миле Поп Јорданов, по кого сега главната улица во маалото го носи нивното име.
Првата куќа, под Којник и Теќе, била на фурнаџијата Ордан Андреев. Во преубавата куќа, на долниот кат Ордан имал фурна во која печел леб на жителите од горниот дел бидејќи во долниот дел на маалото била фурната на неговиот брат Тоде Андреев. Ордан имал тројца синови, Славчо, Аце и Благој, познат режисер во Македонската Телевизија.
Под нив , по стрмниот сокак, била куќата на Стојан и Цвета Бораниеви со синовите Никола и Злате, а под нив пак живееле Богдан и Тодорка Крстеви со ќерките Пале и Летка. До нив била куќата на повеќечленото семејстрво на Димче и Славка Стојанови со синовите Миле, Каме, Љубе, Аце, Гроздан и Никола и ќерките Марија и Трајанка. Потоа следна била куќата на Андо и Цвета Трајкови со синот Николче и ќерката Марија, а до нив на Трајко Ѕенин со синот Бранко и ќерките Родна и Даница. Подолу од нив била куќата на Атанас и Анѓа Трајкови со синовите Трајче, Петре, Илија и ќерката Марика, па на Борис и Сава Давчеви со синот Киро и ќерката Славна, потоа на Бошко и Фита Ќумбеви со синот Панче и ќерката Весна, како и Панче Ќумбев со синот Лазе, па на неговите браќа Васил со жена му Благојка и Петре Ќумбев со синот доктор.
До нив била куќата на Коле и Павлина Стојанови со синот Трајче и ќерки те Родна, Вера и Ленче, па на Тоде и Родна Зафирови со синовите Боце, Киро-првоборец, Ѓуко, Перо и ќерката Марика. Боце и Маца Зафирови подоцна живееле со синот Кире и ќерката Весна како и Петре и Блага Зафирови. Пред семејството Поп Јорданови живееле Димче и Славна Базеви со синот Благој и ќерките Славна и Ката, а до нив била преубавата куќа на Ѓошо и Султана Поп Јорданови со синовите Орце и Миле и со ќерките Елена, Марија, Павлина и Олга. Орце бил главниот организатор на Солунските атентати, а Миле бил борец против турското ропство. Народот на овој херој му ја посветил народната песна „Бог да го прости Миле Поп Јорданов“ која сега е химна на неговиот роден Велес.
Под куќата на Поп Јорданови се наоѓала куќата и фурната на братот на Ордан , Тоде со сопругата Славна Андрееви и со децата Петре, Лилјана и Цвета, а под нив живееле Коле и Софка Стојанови со синот Љубе и ќерката Љубенка како и Трајко Шојлев со синовите Драган и Зоран.
За време на бомбардирањето на Велес, во 1941 година, бомба паднала во куќата која се наоѓала веднаш од другата страна на фурната на Тоде Андреев. За голема среќа сопствениците, за кои неможевме да најдеме податоци, се спасиле додека куќата целосно настрадала. Бомба паднала и во дворот на куќата на Атанас и Анѓа Трајкови и не експлодирала. На тоа место подоцна куќа си направиле Пано и Грозда со синовите Ѓоре, Петре и трите ќерки.
Во долниот дел на тесниот сокакот живееле Тоде Панов-падарот, со синовите Владо и Тодор и ќерките Сава, Нада и Ива како и арабаџиите Хаџи Панзови со синот Тоше, ќерката Мила и уште една ќерка.
Од пред фурната на Тоде Андреев, кон југ, се делел друг сокак во кој живееле Димче и Савка Мрсневи со синовите Благој и Марјан и ќерки те Нада, Коца и Марјана, потоа Андо и Нада Кокарови со синовите Глигор, Аце и Пане, како и Тоде Брзакот со синовите Ристе и Ане. Овој сокак води кон скривницата, а потоа стрмно се искачува кон Којник.
Во наредниот сокак што води кон „Карпа маало“ на почетокот живееле Арсо и Грозда Солеви со синовите Коле и Миле и ќерката Вера, а на улицата „Пирин“ била куќата на Димко и Нада Стефкови со синовите Јован и Орце и ќерките Рајна и Веса. Во овој дел куќи имале Тоде и Епса Питиќови со синовите, од кој еден бил Душко, потоа Ило калајџијата со синот Диме, па Коле Арсов со синовите Петре и Трајче а до нив живеел Живко Питиќов, па Гано воденичарот со синовите Ило и Ангел, а до нив живееле Тоде и Ратка со синот Стево и ќерките Родна и Лила. Потоа следеле куќите на Петре и Анастасија Велеви со синовитеАце, Панче, Николче и ќерка та Лина, Димко Велев како и Борис и Родна Ивчеви со синовите Живко и Ангел и ќерките Дона и Светла.
Стари жители на ова славно маало биле и Јован и Веса Арсови со синовите Дончо и Душан и ќерката Рума, потоа Гена Нешова со керките Ката,Анѓа и Ружа, до чиј дом куќа имале браќата арабаџии Димко и Орце Карастојанови . Во редот на куќи следеле домовите на семејствата Коце и Лила Калајџиеви со синот Димче како и на Ангел и Родна Велеви со синот Тодор и ќерката Василка. Во продолжение на улицата била куќата на Арсо и Грозда Арсови со синовите Коле и Миле и ќерката Вера, на Страхил и Веса Урдарови, со синовите Божо и Киро, па на Ѓоро и други стари велешани.
До податоците за старите семејства во маалото под Којник и Теќе дојдовме благодарение на сеќавањата на Анде Трајков, Тоше Велев и колегата новинар Петар Трајков.
Стоилко Андреевски