МВР и СВР да спроведат темелна истрага за протестот пред Црна Џамија од минатиот викенд, бара Градоначалникот Коцевски
4.06.2020
Велес и во минатото и денес е израз на соживотот и сплотеноста на граѓаните од различни етнички заедници и вери. Кога сите заеднички, секојдневно се соочуваме со заканата на заразата со коронавирусот непромислените изјави кои не се во прилог на соживотот, мирот и безбедноста на жителите на Велес се голем ризик. Коментирајќи го со инцидентот кој се случи на собирот пред Црна Џамија изминатиот викенд Градоначалникот Коцевски констатираше дека гестот на лицето што јавно се извини за кажаното бил позитивен и упати барање до велешани да се воздржат од такви непромислени изјави кои можат да имаат далекусежни последици како на соживотот во локалните заедници така и национално ниво.
-Секој од нас е лично одговорен за колективното добро, а кога е во прашање доброто на целата локална заедница навистина треба да промислиме пред јавно да искажеме нешто, особено на социјалните мрежи каде информациите брзо се шират и се споделуваат” додаде Коцевски.
Тој побара од МВР и СВР Велес да направат темелна истрага и да проверат дали овој настан бил предходно најавен и дали се преземале соодветни мерки за да не дојде до несакани дејствија.
Фото: Батали.нет
Лицето што во саботата на 30 мај, кога дел од муслиманските верници се собраа на мирен протест поради тоа што лице од Штип со погрдни зборови го навредил Алах , е Мрат Мемедовски. Тој во говорот повика на војна.
-„Ако некој го навредува нашиот господар и пратеник, ние ќе бидеме револтирани на овој случај и ќе правиме се како што ни е должност според Коранот. Ако ова се повтори уште еднаш, ние заедно ќе можеме да војуваме против овие луѓе кои го прават тоа,“ рече Мемедовски .
Ден потоа, во неделата на 31 мај, Мемедовски се извини велејќи дека бил погрешно разбран бидејќи не го знаел добро македонскиот јазик.
„Сакам да се извинам на градот Велес за моето обраќање, бидејќи тоа што го кажав не го мислев. Мојот македонски јазик не е доволно усовршен, бев возбуден и поради тоа моите зборови се разбраа на начин кој и јас самиот не го оправдувам. Исламската вера и муслиманите никогаш не повикуваат на безредие и анархизам, туку повикуваат на соживот со комшиите и со останатите вери и нации. Се извинувам до македонската јавност“, рече Мемедовски во видео обраќањето што беше споделено на социјалните мрежи. /У.Ј