Велешани бараат да се исчисти од матеж водата во езерцето во Градски парк и хортикултурно да се освежи, од „Дервен“ соопштија дека започнуваат денеска со ново уредување (Фото)
Заматена е водата во езерцето во Градски парк додека во него пливаат рибите. На површината на водата има алги кои се поизразени во вечерните часови и од нив како и од матежот не можат да се пребројат и видат рибите. Првиот впечаток на посетителите завршува со прашање дали има доволно кислород во водата за да ги одржуваат рибите во живот и колкав е нивниот број? Исто така куќичките поставени за патките, кои во текот на денот ги нема а се појавуваат во вечерните часови, се оштетени. Оштетувањето на поголемата дрвена куќичка е највпечатливо на покривот додека помалата останата е без покрив.
Според велешани, на езерцето му е потребно и хортикултурно освежување, особено обликување на лавандите покрај езерцето, за чие наводнување има поставен систем капка по капка, како и кастрење на израснатите грмушки пред ѕидот на Градски стадион „Зоран Паунов“. Искосената трева на целата околна површина како и разлистаните крошни на дрвјата се причина за посета и на овој дел од паркот, во претпладневните и доцни попладневни часови. Таму родители ги носат децата и затоа што има лулашки.
На прашањата на граѓаните Дума.мк побара одговори од ЈКП „Дервен“, во чии ингеренции е паркот, во кои оттаму информираат дека од денеска започнувале со работни активности на обнова на езерцето и околината.
„Набавена е нова опрема за филтрирање на водата од езерцето која ќе ја замени постоечката. Се планира тоа темелно да се исчисти и обнови, а рибите кои живеат во езерцето ќе треба да се преместат во соодветен сад за да може да се заштитат додека траат работните активности. Водата во езерцето, деновиве, изгледа матна заради алгите кои беа пред неколку дена ставени во езерцето за чистење на водата од нитрати и нитрити, а кои се резултат на разградувањето на билошкиот отпад од рибите и вишокот храна. Овие алги предизвикуваат зелена боја на водата, но не се штетни за рибите туку напротив се потребни за прочистување на токсините од водата,“ одговорија од јавното комунално претпријатие.
Исто така додаваат дека планирана е и обнова на куќичките за патки, а на теренот околу езерцето ќе се обнови и хортикултурниот аранжман додека за коцките кои недостасуваат од патеката кај оградниот ѕид со стадионот тврдат дека биле предмет на кражба од непознати сторители.
Убавка Јаневска