Велешани им направија „генералки“ на езеро „Младост“ и градот
Вкупно 20 кубни метри отпад, денеска беа собрани од шумскиот појас кон село Сопот и стариот пат кон Скопје, во близина на велешкото езеро. Во акцијата „Генералка викенд“ беа вклучени повеќе од 150 граѓани. Тие за рекордни 30 минути успеаа да го исчистат расфрланиот отпад од шумскиот појас кон село Сопот и продолжија на втора, дополнитела локација, на стариот пат кон Скопје до наплатната патарина Сопот.
Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, задоволен од одѕивот и покажаната висока еколошка свест на велешани.
-Јас сум исклучително многу задоволен, затоа што има голем број на граѓани и граѓанки кои се заинтересирани да се вклучат во акциите за почиста животна средина. Мислам дека ќе постигнеме голем резултат и ќе упатиме добра порака. Сакам да им се заблагодарам на сите учеснички и учесници за поддршката на оваа акција. На Европската унија, на „Пакомак“ и на сите други компании кои се вклучени во организацијата. Се разбира на припадниците на граѓанскиот сектор, на вработените во ЈКП „Дервен“ и вам новинарите, додаде Коцевски.
Во денешната еколошка акција учество земаа граѓани на Велес. Организирано учествуваа и вработени во општинската администрација, преставници на граѓански здруженија, училишта, градинката ОЈУДГ „Димче Мирчев“, ЈКП „Дервен“ и други.
Во исто време, се чистеше од отпад и смет островот во река Вардар непосредно до Градскиот парк.
Стефани Манева