Велешани ќе запливаат во градскиот базен најрано на 10 јули, годинава
Јавното претпријатие „Парк, спорт и паркинзи“ има обврска да се грижи за издавањето на дневните, месечните или сезонските билети којшто ќе чинат по 60 денари од ден, 1200 за 30 дена и 1800 за цела сезона. Базенот ќе почне да работи околу 10 јули а како датум за завршување на сезоната ќе се смета 15 септември, годинава.
Базенот ќе работи за капење со работно време од 09:00 часот претпладне до 19:00 часот навечер, додека во вечерните часови, до 01:00 по полноќ, ќе биде отворен за дружење и седење кога ќе може да се нарачуваат безалкохолни, алкохолни пијалоци, кафе и сладолед.
Во рамките на базенот ќе функционираат три шанкови на кои ќе се продаваат пијалоците и кафињата додека таму на лице место нема да се произведува храна. Капачите ќе можат да внесат сендвичи или не расипливи прехранбени производи додека на шанковите ќе може да се продава спакувана не расиплива храна.
Деновиве ќе биде објавен повик за избор на заинтересирани фирми за работа со шанковите, за чие измајмување месечната цена ќе чини 18.500.00 денари.
На базенот ќе се влегува само од главниот влез којшто се наоѓа во непосредна близина на ЈКП „Дервен“ или по конкретно од страната на паркингот.
Во техничкиот дел и одржувањето ќе се вклучат работници на ЈКП „Дервен“ како и вработениот професор по физичка култура кој ќе биде одговорен за летната пливачка школа додека спасителската служба ќе ја кординира јавното претпријатие „Парк, спорт и паркинзи“.
За се ова денеска дискутираа и се договараа членовите на Советот на Општина Велес на 17-тата седница што започна вчера. Управувањето и менаџирањето на базенот ќе бидат обврска на двете јавни претпријатие во соработка со Општина Велес.
Стефани Манева