Велешката на листата на 10 општини кои платиле највисоки суми за адвокатски услуги и Градско помеѓу деветте кои не дале ниту денар
Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за исплатите за адвокатски услуги од буџетите на општините и на министерствата во 2023 година. Истражувањето покажа дека Општина Велес е на високото седмо место или во првите 10 општини кога се во прашање исплатите поврзани со вкупниот износ на средства за адвокатски услуги како и на листата со вкупен број на ангажирани адвокати.
Според ова истражување, Општина Велес, во 2023 година од буџетот платила вкупно 38 илјади 642 евра на вкупно 17 адвокати.
На Листата со Единици на локална самоуправа кои платиле највисоки суми за адвокатски услуги, пред велешката, се Град Скопје со 213 илјади 940 евра на 106 адвокати, општините Гази Баба со 123 илјади 412 евра , Битола 55 илјади 532 евра на 60 адвокати, Куманово 50 илјади 270 евра на 35 адвокати, Кичево со 50 илјади 227 евра на 18 адвокати и Илинден со 43 илјади 850 евра. Потоа следат Кисела Вода со 26 илјади 837 евра, Карпош со 26 илјади 837 евра и Прилеп со 26 илјади 050 евра на 14 адвокати.
Во истражувањето ЦГК открива дека вкупно 417 адвокати ги наплатиле своите услуги од единиците за локална самоуправа во 2023 година. Од нив најмногу наплатил адвокатот Влатко Ристовски од Скопје, вкупно 6.332.006 денари или речиси 103 илјади евра, и тоа 6.178.733 денари или 100.500 евра од Општина Гази Баба и 2.500 евра од Општина Карпош.
На второто место е адвокатката Билјана Панова која од Град Скопје наплатила 3.020.639 денари или 49 илјади евра, а трето е Адвокатско друштво Стојановска-Димитровски Крива Паланка кое од осум општини наплатило нешто повеќе од 39 илјади евра.
Помеѓу деветте општини кои не користеле адвокатски услуги ниту исплатиле адвокати врз други основи, во минатата година, е Градско заедно со Босилово, Валандово, Делчево, Зрновци, Јегуновце, Карбинци, Липково и Пласница.
Центар за граѓански комуникации, исто така, констатира дека една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат, во ист или приближно ист износ.
Исто така на листата на 10 адвокати со најголеми исплатени износи од министерствата во 2023 година се наоѓа името и презимето на велешанецот Трајче Тошевски, кој според ова истражување за исплатите, од Министерство за финансии за дадени услуги наплатил 17 илјади 301 евро и се наоѓа на осмото место.
Убавка Јаневска