Велешки „Кристал 1923“ откупува сончоглед за производство на масло за јадење чии количини ќе ја задоволат домашната потреба за два месеци (видео и фото)
Глетката што секојдневно ја создава редицата камиони на улицата пред влезната капија на велешки „Кристал 1923“ АД Велес претставува потврда дека годинава се врати сончогледот на македонските ниви. Менаџментот на фабриката задоволен е од произведените количини на сончоглед. Компанијата „Кристал“ откупи 6 илјади тони од кои 1,4 илјади тони од ЗК„Пелагонија“ додека останатите од индивидуални земјоделски производители.
-Бројките зборуваат за тоа колку е зголемено производството на домашен сончоглед од страна на индивидуални земјоделски производители. Ја користам оваа пригода да им се заблагодарам на земјоделците кои се одзваа на повикот за зголемено производство на храна во државата за да не зависи од увоз. Се гледа дека тоа што компанијата вложуваше во кампањата полека дава плод. Како компанија се потрудивме да им дадеме добра откупна цена на земјоделците , тие сами ќе кажат дали се задоволни или не се, затоа што ние килограм сончоглед откупуваме за 35 денари плуд ДДВ донесен на откуп во фабриката, додаде Лазов.
Според него откупната цена од 567 евра по тон сончоглед што ја добиваат земјоделците во Македонија е највисока во регионот. Во соседна Србија тон се откупува по цена од 535 евра, во Бугарија по 530 евра, во Грција по 500 евра , во Романија по 530 додека во Украина 360 евра за тон. Стимулативната цена што домашните производители ја добија треба да ги оправда очекувањата за произведени помеѓу 10 и 11,5 илјади тони сончоглед , годинава.
-Со започнувањето на жетвата се повеќе сме уверени дека компанијата „Кристал“ ќе ги откупи произведените 10 илјади тони сончоглед што значи дека Македонија ќе ги задоволи сопствените потреби со масло за јадење. Нема да увезуваме сурово масло ниту готово масло за јадење, додаде Лазов.
Од велешки„Кристал“ уверуваат дека земјоделците навреме ќе ги добијат парите за предадениот род. Исто така, доколку продолжат со зголемување на површините со сончоглед во наредните пет години ќе и овозможат на единствената македонска фабрика, која произведува масло за јадење од оваа земјоделска култура, да се врати на рекордот од 40 илјади тони. Така велешки „Кристал“ ќе ги задоволи потребите од масло за јадење на домашниот пазар во текот на 10 календарски месеци во годината. Тоа ќе значи дека ќе биде потребен увоз за само два месеци, годишно.
Годинава, просечниот род на сончоглед во државата, на површина од еден хектар изнесува помеѓу 1,8 до 2 илјади килограми . Велешки„Кристал“ очекува производителите во наредните години да го достигнат посакуваниот принос од 2,5 до 3 илјади килограми со што ќе го намалат притисокот на компанијата од увоз на сончоглед.
Убавка Јаневска