(Видео и фото) Утринскиот патнички воз од Велес за Битола се расипа, железничарите се обидоа да го поправат преку телефон
Патниците кои утрово во 7:50 часот отпатуваа од Железничка станица Велес кон Битола не стигнаа до крајната дестинација на патувањето. Популарно наречениот „Кинез“ ги превезе само до село Теово, во општина Богомила и запре пред станицата во Согле. „Откажа моторот и возот се укопа на железничката пруга,“ изјавија патници од Велес. Според нивните изјави безуспешно еден час машиновозачот и уште тројца негови колеги, најверојатно кондуктери, се обидувале да го стават во функција моторот на возот но, не успеале во намерата. Техничка поддршка преку телефон им биле и колеги од Скопје но„кинезот“ не мрднал од местото на кое запрал.
„Возот во кои се качивме на Железничка станица Велес не остави впечаток дека има проблем. Влеговме во чист и климатизиран простор и се беше во ред додека не стигнавме на локацијата помеѓу селата Теово и Согле. Одеднаш снема електрична енергија во возот, „кинезот“ запре и веќе не тргна. Еден час возачот и кондуктерот заедно со уште двајца други нивни колеги се обидуваа да го стават во функција моторот. Тоа го слушавме додека тие и на телефон, преку видео комуницираа добиваа иструкции што да направат најверојатно со некои инжинери на МЖ но не успеаа,“ раскажа патничка од возот за Дума.мк.
„Железничарите се однесуваа многу коректно кон патниците. Кога добија инструкции не замолија да се вратиме пеш на локација до која може да пристапат мини буси или автомобили на такси компанија за да не земат. Тоа и го сторивме. Сега чекаме да не земе превозот и се надеваме дека нема да не врати назад во Велес туку дека ќе стигнеме до Богомила. Многу е топло и тоа ни создава нервоза,“ рече патник од возот.
„Се што се договараа со нивните колеги, сигурно беа некои инжинери од Македонски железници, ние слушавме. Машиновозачот и кондуктерите правеа се како што ќе им кажат, ама возот не тргна. Надвор е пеколно жешко. Одиме пеш. Ќе видиме сега што ќе се случува. Што друго да ви кажам незнам ама сите патници сме во нехумана состојба,“ рече патник од возот.
Дума.мк испрати прашања на емајл до Македонски железници – Транспорт во кои побара одговор на прашањата на патниците за причините на застанувањето на утринскиот патнички воз од Скопје преку Велес до Битола. До објавувањето на веста одговори не добивме. Одговорите ќе ги објавиме штом ги добиеме.
Убавка Јаневска