(Видео и фото) Велешки гимназијалци планинареа и учеа да се справат со предизвици при престој во природа
Средношколци на „Гимназија Кочо Рацин“ изминатиот викенд ја реализираа планинарската тура Велес- село Папрадиште- планинарски дом Чеплес – Бабина Дупка и обратно. Со нив беа професорите и ментори Зоран Јованов и Славчо Давитковски. Традиционално во гимназијата се негува градење на почит, љубов и емпатија кон природата преку низа на активности. Во рамките на спортската проектна активност “ПЛАНИНАРЕЊЕ“, учениците имаат можност подетално и практично да се запознаат со основите на планинарењето.
-Наша мисија и цел на професорите е да ја всадиме љубовта кон природата на учениците. За таа цел организираме пократки и подолги планинарски тури на кои обработуваме повеќе теми од областа на планинарењето како што се: планинарска опрема, клима и атмосферски услови на планина, планинарски маркации, ориентација во природа, исхрана во планина, опасности на планина, прва помош на планина, планинарски домови во Македонија и грижа за истите, ноќевање на планина итн, рече професор Зоран Јованов.
Тој додаде дека учениците имаат можност да доживеат и почувствуваат како е да запалат логорски огин, да се ориентираш во простор со помош на мовта на дрвјата или со помош на ѕвезда Северница.
-Како да ја препознаат и следат маркацијата, како да приготват храна за себе и пријателите и слично. Сметаме дека во денешното секојдневие во кое учениците се преокупирани со социјалните мрежи, генерално, тие се малку активни, седат повеќе во неправилна седечка или лежечка положба, се хранат со нездрава исхрана. Ваквите активности ќе придонесат да се развие социјализацијата, другарувањето, позитивниот дух, дисциплината и самосвесноста кај учениците. Тие ќе научат низа вештини потребни за извршување на секојдневните обврски кои позитивно ќе влијаат врз нивното ментално, емоционално и физичко здравје, додаде Јованов.
Планинарските тури што ги реализира ова средно училиште во Велес се одлично прифатени како од учениците така и од родителите. Веќе има барања за повторно организирање на нови тури, што на професорите им дава поттик и мотив дека се на вистинскиот пат. Тие до следната активност испратија порака: „Сакајте и чувајте ја природата и движете се за да го сочувате здравјето”.
Убавка Јаневска