Во Центар за вработување Велес активна мерката за практиканство
Сите невработени млади лица до 29 години со завршено средно образование и евидентирани во Центар за вработување Велес кои немаат работко искуство можат да аплицираат на активната мерка за практиканство.
Оваа мерка обезбедува во период од три месеци стекнување на практични работни знаења и вештини кај работодавачите со цел извршување на потребните работни задачи на одредени работни места.
Од Агенција за вработување напоменуваат дека секој кандидат којшто ќе биде избран и вклучен во мерката практиканство ќе добива финансиска поддршка во износ од 11.000 денари месечно за периодот додека ја извршува практичната обука. Исто така вклучено е и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход. Правата и обврските помеѓу АВРСМ и учесниците во програмата ќе бидат уредени со склучување на меѓусебен договор.
Местата се ограничени, затоа сите заинтересирани невработени лица можат да аплицираат се до исполнување на предвидениот опфат на корисници. Пријава за учество во мерката може да се поднесе секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот. Исто така може да се аплицира и електронски преку https://e-rabota.av.gov.mk .
Јавниот повик е активен до утре, 17 мај, годинава.
Стефани Манева