Во село Бањица се гради ново модуларно училиште, Општина Чашка годинава со најголем број инвестиции во образованието
Ново модуларно училиште со три училници, канцеларија за наставниците, тоалети и други помошни простории за парно затоплување се гради во село Бањица, во Општина Чашка. Училиштето треба да биде готово до крајот на месец октомври, бидејќи од први ноември во него треба да биде преместена новоформираната албанска паралелка којашто годинава ќе биде комбинирана со шест ученика во второ одделение и пет првачиња.
Оваа паралелка претходната година по реакција на родители на учениците Македонци а со одлука на Министерството за образование и наука привремено беше сместена во ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка а истата е заведена во склоп на ООУ „Лирија“ од село Горно Јаболчиште. Останатите ученици од албанска националност, од трето до деветто одделение и понатаму како и досега ќе учат во паралелките со македонски јазик во ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка.
Градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски, соопшти дека покрај изградбата на новото модуларно училиште, годинава општината работи и на други проекти и има најголем број на инвестиции во образованието.
-Се реализираат или започнаа да се реализираат и голем број проекти кои ќе ја подобрат наставата на учениците во општината. Станува збор за комплетна термо фасада на ООУ „Петар Поп Арсов“ во селото Извор и на ООУ „Лирија“ во Горно Јаболчиште, комлетно партерно уредување на дворот во новото училиште ООУ „Лирија“ во Долно Јаболчиште кое треба да започне со настава од 1 депетември, доградба на новата спорска сала во склоп на дворот во ООУ „Лирија“ Горно Јаболчиште, кско и набавка на нов училишен мебел за новото училиште во село Долно Јаболчиште. Со реализацијата на сите овие проекти до крајот на оваа година, ќе се овозможи подобрување на условите за одвивање на квалитетна настава за сите ученици во нашата општина, објаснува Стојановски.
Инаку, вкупната инвестиција на сите овие проекти е околу еден милион евра обезбедени од МОН,ТАВ програмата и Општина Чашка. Градежните зафати ги изведуваат фирмите Изгрев Инженеринг и Делта пром од Велес како и фирмата Виа Игнација од Битола.
Стефани Манева