Во Здравствен дом Велес на првата крводарителска акција собрани 34 крвни единици
Во Здравствен дом Велес за четири часа собрани вкупно 34 крвни единици. Од вкупниот број 18 биле мажи и 16 жени, додека за прв пат дарувале крв вкупно пет граѓани. За време на акцијата којашто за прв пат се одржа во Здравствен дом Велес, покрај здравствените работници од оваа установа, од Општа болница Велес, крв даруваа и други граѓани.
Според Општинската организација Црвен крст Велес, акцијата е успешна и веруваат дека ќе прерасне во традиционална. За време на акцијата учествуваа двајца волонтери од велешки Црвен крст.
Крводарителската акција заеднички ја реализираа Црвен крст РСМ Општинска организација Велес и Институтот за трансфузиона медицина во Скопје, помогнати од Јавната здравствена установа Здравствен дом.
Инаку, Црвен крст Велес го реализираше годишниот план за собирање на 1860 крвни единици. Ова значи дека секоја наредна крводарителска акција, вклучувајќи ја и оваа денес од Здравствен дом, ќе значи натфрлување на предвидениот број крводарувања што претставува голем успех.
Стефани Манева