Започна новогодишниот хепенинг во Велес, голем број на граѓани уживаа во добра музика, греено вино и храна
Со новогодишни песни во изведба на хористите од хорот „Св. Кирил и Методиј“, свечено беше отворен четиридневниот новогодишен хепенинг лоциран во Младинскиот парк во Велес. Голем број на граѓани го посетија првиот ден од хепенингот и имаа можност да се стоплат со греено вино, да вкусат храна и да уживаат во неколку часовната музичка програма што им ја приредија групата Д’чикс и диџеј Зорбитал.
Новогодишниот амбиент го збогати и „Снешко“ којшто беше вистинска атракција помеѓу дечињата коишто го гушкаа и се сликаа со него. Велешани исто така, ги посетуваа и дрвените тезги поставени во паркот на кои освен храна и пијалоци се нудат различни новогодишни украси и рачно изработени предмети.
Денеска, музичката програма започнува во 15:00 часот кога свој настап ќе има „Велешка чалгија“, потоа во 17:30 часот продолжува „Стерна“ и од 19:00 часот диџеј „Даскал“ ќе биде задолжен за добра забава до крајот на втората вечер.
Новогодишниот хепенинг го организира Општина Велес под мотото „Празнично е да си дома – дома е Велес“.
Стефани Манева