Започна проектирањето на системот за наводнување на барана „Лисиче“
На 15 годишнината од завршување на велешкиот Хидросистем „Лисиче“, од којшто велешани пијат здрава и квалитетна вода, започна реализацијата и на проектираната втора фаза којашто треба да обезбедува вода и за наводнување на 3.500 хектари плодна земја како во Општина Чашка така и во Општина Велес.
Станува збор за реализација на првиот од вкупно четирите проекти за наводнување на коишто во последните неколку години посветивме особено внимание како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, рече при вчерашната посета на Чашка и Велес министерот Љупчо Николовски.
Инаку, во изминатите неколку години спроведени се постапките за изработка на Програма за наводнување во Македонија, четири проекти за наводнување од Хидросистем Лисиче, „Коњско, Пепелиште и Страиште“ физибилити студиите и други пропратни документи.
Министерот Николовски потсети на постапката што претходно беше водена во македонското Собрание коешто го донесе Законот за обезбедување на заем како и на обезбедената целосна поддршка од кредитната банка KFW од Сојузна Република Германија со којашто се финансираат проектирањето, поставувањето на цевководите како и надзорот на овие системи за наводнување коишто треба да обезбедат потребни количини на вода за над 13.500 хектари земјоделски површини во четирите земјоделски региони во државата.
Конкретно станува збор за заем од 80 милиони евра и грант од 2.8 милиони евра за поддршка на земјоделците и земјоделските задруги во овие области, односно 70 % од вкупната вредност, додека преостанатите 30 % се од државниот буџет.
Стефани Манева