Жителите на улица „Петар Даљан“ се жалат на проблеми од дефект, од ЈКП „Дервен“ најавија разрешница
Дваесет семејства на улицата „Петар Дељан“ или поранешна „Титовоужичка“ во Велес на фан страната на Дума.мк се жалат на целосно не остранет дефект на старата водоводна линија на нивната улица што им создава проблеми. Според напишаната порака овие семејства тврдат дека ЈКП „Дервен“ првично интервенирал но не целосно ја завршил работата па затоа сега во нивните подруми и темели на куќите понира вода. Овие велешани, исто така, тврдат дека за проблемот ја информирале Општина Велес. Таму поднеле петиција со потписи како и фотографии за тоа што им се случува. Според граѓаните тие направиле испитување на водата што се собира во нивните подруми и според добиени резултати таа содржела хлор па затоа тврдат дека е од градската водоводна мрежа.
Дума.мк побара став од ЈКП „Дервен“ од каде одговорија дека станува збор за застарена водоводната линија на улицата „Петар Дељан“ на чија реконструкција планирале да работат.
-Точно е дека на ул. Петар Дељан водоводната линија е застарена и потребно е да се замени со нова. ЈКП „Дервен“ континуирано во текот на годината работат на реконструкции на водоводни линии во Општина Велес, по претходно утврден план заснован на приоритетноста, односно степенот на оштетеност на старите водоводни линии. Ги уверуваме жителите на ул. Петар Дељан дека ЈКП „Дервен“ планира во најскоро време да изврши реконструкција и на застарената водоводна линија на оваа улица, соопштија од ЈКП „Дервен“.
Оттаму побараа само мало воздржување од страна на граѓаните чии проблем констатираа дека во најскоро време ќе биде решен.
Стефани Манева