Змии,поскок,каснаа двајца велешани додека работеле во лозје кај Војнички мост, дози на серум има доволно во болницата а итна набавка направила и Итна помош

Змиите ги каснале за прст и двајцата велешани, М.З. (64) и Ѓ.Р.(67), вчера, претпладне, околу 10:00 часот додека работејќи во лозјето наишле на змиско гнездо со поскоци. Лозјето се наоѓало во близина на Војнички мост. Тие побарале медицинска помош на бројот 112 на Центар за управување со кризи и постапиле според првично дадените инструкции. Потоа со приватно возило тргнале и се сретнале со екипата на Итна медицинска помош на Здравствен дом Велес кај Пашин мост од каде медицинските екипи ги транспортирале во Општа болница Велес.
„Веднаш се прифатени од медицински екипи на болницата, даден им е Антивиперинум и комплетна терапија ,санирани се убодните рани и пациентите се задржани на обсервација и понатамошен третман на Инфективно одделение се до 15 часот. По конзилијарни прегледи од страна на специјалисти, интернист и анестезиолог, пациентите се префрлени во 15 часот на Одделението за Интерни болести каде продолжиле укажувањето на медицинска помош и понатамошен третман.Состојбата меѓутоа се влошила и двајцата пациентите со две амбулантни возила се транспортирани на Клиника за Инфективни болести во Скопје. Транспортот е реализиран со придружба од медицински екипи поточно специјалисти инфектолог,анестетичари и медицински сестри,“ рече Марина Андова, портпаролка на Општа болница Велес.
Таа додаде дека во болницата има доволни количини на серум против каснување од змии.
„Дозите со серум против каснување од змии се аплицирани веднаш по превземањето на двајцата пациенти од страна на екипите на Итна помош. Во текот на вчерашниот ден набавена е една додека во понеделник ќе стигнат уште неколку дози,“ рече др Василка Поп Стефанова Панова, началник на Итна помош на Здравствен дом Велес.
Остануваат препораките на лекарите за внимателност. Во Вардарски регион има присуство на змии, на граѓаните и особено земјоделците се препорачува да преземат превентивни мерки и да се заштитат од змиско каснување. Тие треба да носат соодветни обувки, долги панталони и нараквици на рацете додека работат на земјоделските површини.
Препораките за граѓаните кои одат на прошетки се скоро исти дополнети со носење на дрвен подолг предмет или стапче за движење низ природа.
Убавка Јаневска
