Протестен марш низ велешките улици за спас на РК „Борец“
Навивачката група „Гемиџии“ го исполнува своето дадено ветување дека до последен здив ќе се бори за опстанокот на РК „Борец“. По одржаната прес конференција во клубските простории, кога дел од членовите на навивачката група, јавно проговорија како претходно сами се обидувале да го спасат клубот а преку собирањето на лични средства и донации од граѓани и да го спасат од згаснување ракометот сега организираат протестен марш низ улиците на Велес на кои ги покануваат сите вљубеници на спортот во градот. Во објава на фејсбук „Гемиџии“ напишаа:
„Почитувани пријатели, навивачи, љубители на ракометот вие кои што живеете за Борец, Ве повикуваме за гордоста на Велес, за гордоста на нашата држава, за нашиот Борец Велешки сите да излеземе на мирен марш за спас на клубот, во нашиот мирен марш низ Велес да покажеме дека искрено го сакаме спортот, дека искрено го сакаме ракометот и да му ја овозможиме шансата што живот значи на нашиот Борец. Во петок на 24.08.2018 година во 19:00 часот од пред споменикот на Панко Брашнаров. Дојдете и заедно да се обидеме, заедно да покажеме дека ВЕЛЕС ЖИВЕЕ ЗА БОРЕЦ. БЕЗ БОРЕЦ , НЕМА ЖИВОТ !!“, напиша навивачката група „Гемиџии“.
Оваа реакција на навивачката група следи по намалувањето на финансиските средства за РК „Борец“ од страна на Советот на Општина Велес со што се доведе во прашање опстанокот на клубот.
Претходно, на новинарско прашање зошто се намалени финансиските средства што се трансферираат на жиро сметката на овој спортски клуб, Градоначалникот Коцевски, на прес конференција одговори дека од вкупно 5 милиони и 600 илјади денари во годишната Програма за активности во областа на спортот со кои се поддржуваат спортските клубови РК „Борец“ добива скоро 25% или 1 милион и 500 илјади денари и дека секој месец на клубската сметка се префрлаат по 125 илјади денари и порача дека кога Општината би имала повеќе финансиски средства тогаш на клубот би се префрлиле и повеќе финансиски средства како и на останатите спортски клубови на кои знаел дека им требаат повеќе пари.
Но Управата на РК „Борец“ и навивачката група „Гемиџии“ не се задоволни од ваквиот став на Градоначалникот. Навивачката група за вечерва, петок, 24 август во знак на протест организира марш низ градските улици./У.Ј